смеша св.

смеша (св.)

Ќе се смешаме во нивното мноштво, си мислеше, а таму понекогаш знае да биде и толку топло.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тоа беше можеби и причината за да се согласам да го внесам и јас мојот имот и да го смешам во заедничкиот. И тоа, мислеше сега Змејко, а и оној мој Брат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
- Хм ... Тогаш ... Тогаш нека биде така ... Смешајте се со борците ... - се насмевна учителот.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Добиените звуци се сретнаа над ливадата, се смешаа и се претворија во една ѕвонлива, еднолична музика. Бојан ја крена главата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
За овцата, која беше изнемоштена, ослабена, Бојан смеша малку трици со сол и додека другите овци ги собираа грижливо остатоците од сеното во јаслите, тој го крена малото јагне и го пренесе во кошарата. Блеејќи, овцата одеше по него.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Ние, вистина, сме смешани со нив, ама секој си ја држи својата страна.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ама со време, отрпнуваш. Оти си смешан со калта, заглибан, завеан.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Зошто ти е тебе лисник, вели Дуко Вендија. - Ами, да се најдам во работа, велам, колку да се смешам со народот.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Виде- не виде, се откажа Мил од тоа и продолжи натаму да експериментира во лабораторијата подложувајќи ја смешата на овие аноргански елементи на ултравиолетовото зрачење и електрицитет и високи температури за да предизвика импулс во синтезата, во создавањето на органската супстанца.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Си ја смешавме крвта, вели, станавме крвни роднини. 65.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
— Кажи и ти некоја, ќе ми речат, смешај се со нешто.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Гледав по расцутениот кантарион што му се нишаше над главата, ко запалена свеќа. „Ако се смешаш со змии, велеше дедо, не можеш друго да бидеш.“
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Шефот сега сосем задоволен повторно му го препушти пописот на службеникот. – Запиши Слободанка и внимавај повторно да не ги смешаш прашањата.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
И, како што градот се ширеше, така гробиштата беа сѐ подалеку - живите не сакаа да се смешаат со мртвите.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Но, ако и читателот во пајак се престори, ако заплете и тој ситни нишки во мрежата, ако му ги смеша конците на создателот, тогаш пајакот од средето не ќе може да го голтне, оти ќе залута, оти не ќе може да ги разликува своите од туѓите нишки; и ќе умре од глад, а читателот ќе преживее.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
И оној ден на откопувањето на гробот зад црквениот олтар, се смеша со другите денови.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Значи, не можело случајно да има смешано коски од старите гробишта.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
- Многу е лошо вакви болни компири да се смешаат во семето.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Ти ќе ми го гледаш таму, да не се смеша во пуста политика, да ми го изедат, пцине.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Но откога се смеша времево, и особено откако изби војната во Европа, старата книга почна да придобива сѐ поважна улога во берберницава, како да чекала стрпливо само за тоа да се најде во ваков зол час.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Повеќе