слабина ж.

слабина (ж.)

Поминувајќи покрај него, Мече го погледна ѓаволесто и замавна како да ќе го удри со лакт во слабини, а кога тој уплашено се изви на страна, Мече се исмеа слатко и потрча по Белича, кој што беше изминал подалеку по патот за бригадниот логор.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Само очите му се тркалаат несвесно. Ножовите натискаат на градите, стомакот, слабините.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Беше само некаква подлипнатост и од неа дишењето стануваше потешко и носеше болни блажеви во слабините, како местото на здивот во градите да беше зафатено од нешто друго, од тоа чекорењето стануваше сосема тешко.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беа и едни лити завивања во колениците, и боцкаво трпнеење во подноктиците на рацете, блажеви во слабините и она познато чувство за здивот, исполнет и затнат од некаков снег.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Или барем само едно зрно, во плешката, во слабините, онаков заскокан по снегот...
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Хм, нешто нѐ штрекнува во слабина, се наежуваме и наеднаш молневито и исплашено се ослободуваме од таквите мисли.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Слабинава боцкаво ме сечеше и бараше починка и длабоко воздвнување.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Бузо скокна и приписка како некој да го дупна во слабина.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
— Му се овргали право в очи, и како на дедот Јована преѓеска што му удри една клоца во слабината, сега и на Бојка му удри една уште посилна меѓу нозе, та, макар да беше силен, млад и јак не помалку од Брниклијата, Бојко се фати за удреното место и се свитка на тревата крај дедот Јована.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
И сѐ така додека една ноќ едно парче граната не му ја расцепи раката и слабината.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ѝ растеше Трајан како што растеа врбите; доаѓаше до работ на смртта и пак оживуваше; растеше во немаштија, во болести, во војни и сѐ издржуваше и сѐ трпеше како што и сега ја трпи раната на раката и слабината останата од гранатата.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Ако се поткренеш, дождот ќе ти влезе во вратот, по ’рбетот, по слабините.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Слабините им се пресламчени, тукуречи залепени. Никаков глас не можат да покренат.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ќе седам и ќе се пофаќам по нозете, по ребрата, по слабините. Да видам да не имам нешто скршено, шинато, скинато. И таму, на скали ја предремувам ноќта, ја измеризувам. 245
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И ќе му се качеше ушка и удирајќи го со палците в слабина го бодинаше низ дворот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ни играат слабините, ни скокаат жилите, слепите уши и ноздринките.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ни шопа вода низ вратот, по 'рбетот, ни ги топли ципите и слабините...
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ѝ се шират слабините, ѝ се диплат.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Во таа ноќ додека главите на непокореноста заседавале, помеѓу две ѕидни ламби во куќа на угледен домаќин, меѓу нив и Питу Гули со пресна дупка од куршум во слабината, некаков Татар или Монгол или Черкез и пак со име Татар, турски дезертер и негов приврзаник, му го повел белиот коњ да го напои од бигорното корито на чешмата во дворот на една од неколкуте цркви.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Мислев дека она што треба во мене да е страв станува дива болка од која ќе можам да се избавам далеку од ова чудно земјиште со многу жили во себе, негде на некое бачило запаметено од детството или од прикаските на тоа детство: во несоблазнет дом на недоразвиени јагненца до чии меки слабини топло се дише, бескрајно се сонува цутењето на праските и јаболкниците.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе