раче ср.
рачен прид.

раче (ср.)

Кого го удриле, кого за гуша го фатиле овие бели рачиња, та да тргаш мака за татко ти во туѓина?
„Печалбари“ од Антон Панов (1936)
Држејќи го малото раче, Доста почна да си реди: — „Милата рака на мама, мила.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Дури таа вака си мечтаеше, раката ѝ врвеше по главчето горедолу, а наеднаш рачето на чупето го подигна гушалчето, ја пушти дојката и нежно, нежно го растегна малото устенце, гледајќи ја мајка си право во очи; пушти едно „гуу, гу, a? а?“ и почна да ја врти главата пак таму ваму: да ја лапне дојката.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ако неговото благословено раче засее - и камењарот клас ќе исфрли, ако кон штркот, заштитникот куќен, се прекрсти - еве му внуче.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се престорува твојава кора земја и скриени во неа ќе останат рачињата што те прегрнуваа . . .
„Вардар“ од Анте Поповски (1958)
Зад една подгрбавена, стара жена одеше друга помлада жена со жолто, испиено лице, со светнати мали очиња, со ситни, речиси детски рачиња и рамена покриени со тешка алова свила, што како магнет ја впиваше светлоста од петролејките и силно блескаше.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
„Сега со нас игра нејзиното братче!“ „А тоа мене ми го скрши рачето!“ - простенка кукличето Калинка.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
„Не паметам од кога не ми е перено и пеглано, а порано бев секојпат така убаво облечена.“ „Потивко!“ - ги смируваше убавата Лила поткренувајќи го десното раче.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Со големо нетрпение очекувам, врз моите бели, мазни листови малото раче да испише први букви и зборови.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Дедото дремеше, а бебето мавташе со рачињата за да му ги ишка мувите пред носот.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Ја фатив за рачето: - Виде ли сега што има зад тополите, Билјана?
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Ја фатив за рачето и ја седнав на колено. - Тато, - ми вели сосем тивко таа, - денес навистина добив петка!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
- Одиме, Биле, - ѝ велам кротко и ја фаќам за раче. Таа послушно оди.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Го поткрева главчето, ги дига раменцата игра со рачињата, мавта со нив во иднината. целото зацрвенето како огног во прекршениот леб, како чистата зора во згаснатите ѕвезди.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Лето. Сонцето застанато над црквата, Мајка му везе кошулка со распејани цветчиња, Тоа мавта со голите рачиња,се смешка, Гледа во сонот: две светулки го водат за раце и на бело ждребе го качуваат.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Тоа плаче - ќе излета: го шири и го собира мешето и претка со рачињата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Сум го пикнала зад качињата, во конопта. Ја мачкам Роса по челото, по вратот, по градите, по рачињата. Ја редам со крпи, со ракиени облоги.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мамо, мајче, викаат, каде е лебот, викаат, и ги подаваат рачињата, прстињата.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И така, држејќи го за раче детулето од Оредна Чибикоска, со пушката преку рамена, си отишла пругоре по патчето.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А кога и тоа ќе излезело од гробчето, Трајана ќе го фатела за раче и ќе го поведела прудолу по падините на Горник за заедно да пијат вода од Виданови Извори.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе