расфрла (несв.)
И твојата земја убава со друго име пред тебе да ја крсти, прекрстуе, коските свети народни паднати за слободата, од гробот да ги скорива, по сокак да ги разфрла, и со нив да се подбива, а ти да гледаш со очи да гледаш и да црвееш и нити збор да не можеш да кажеш, да му одвратиш.
„Робии“
од Венко Марковски
(1942)
Отпатувај ако ти е мака, ако чекаш - отпатувај пак, Возот - патник во ноќната мрака ќе расфрла нов и светол траг.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
А тогаш... ... Нивниот заеднички пат ги одвлече в село да видат неуредени куќи со црни стреи;запуштени и накривени ѕидишта; недоверливи ситнооки прозорци, - врз нив гнили штици, матни стакла, поцрнети стари календари; потоа: нечисти и нерамни сокаци низ кои се влечеа звуци и мириси, предчувствувани претстави за недогорени суви дрвја, кочини, мали деца, катран; расфрлани мртви предмети, ненужни и запуштени - накривени коли, одамна почнати, недоплетени огради, корита, алат; куп сонливи куќиња, кокошки, деца.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
По нив остана само една црна крвава паласка во снегот и неколку расфрлани прамени волна, а уште еден раненик, кој не беше толку умен или кому му беше повредена токму таа жица од инстинктот да молчи, заминуваше со бесно и продорно аурликање кон шумата, насобирајќи ги по себе сите тие глади и раздразнувајќи ја уште повеќе со својата вкусна животворна крв стрвната сурија во сета нејзина безбожност.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Се наредивме крај потокот, расфрлавме камења во него, испоскокавме преку него и пак се собравме крај неа.
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
Најпосле, кога сѐ се смирило, отишле на бродот и ги ослободиле оние што биле врзани и почнале да го барат Едноокиот Полип, бидејќи него го немало меѓу оние што лежеле расфрлани на брегот.“
„Дружината Братско стебло“
од Јован Стрезовски
(1967)
А ќе стаса ли и Дедо Мраз, со своите еленски стада да расфрла снегулки од торба и да ја види оваа олимпијада? Ене го, вјаса... Ќе стаса.
„Најголемиот континент“
од Славко Јаневски
(1969)
Често навлегуваше во коријата. Ги обиколуваше полјаните, береше китки руен и друго есенско цвеќе, правеше букетчиња, за да ги расфрла после над својата глава и да ги чувствува како му паѓаат на лицето.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Ги гонеа светулките, ги фаќаа, како жарчиња ги држеа во рацете, па ги расфрлаа над своите глави како искри.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
36. ЖЕНА МЛАДА, А ВИНО СТАРО ДА СИ ЗЕМЕШ - е, тогаш од небото ѕвездите ко крушки се берат и по земјата се расфрлаат како плодородно семе за да никнат неволи по возраст што не се мерат...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
4. СЕКОЈ ДА СИ МЕТЕ ПРЕД СВОЈАТА ПОРТА - но ѓубре да не расфрла по сиот град така како да е нов претставник на старата сорта општествено битие: правам сѐ што сакам...
„Куршуми низ времето“
од Љупчо Стојменски
(1976)
9 Мотив: црквата и гробиштата: Оддалеку најпрвин се забележуваат крошните на столетните дрвја припиени една во друга, грабејќи го лакомо просторот полн сончевина и отворен кон езерото до кај што окото гледа; црковната ограда е ниска и тие ја наткрилуваат, се префрлуваат преку неа со своите крошни, ги пробесуваат и ги спуштаат како зелени водопади; кога ветерот ќе го разниша зеленилото, се покажува камбанаријата и црквата издупчени од гранати; при секое удирање на камбаната, малтерот се лупи и паѓа како кожа од рани; на влезот од црквата сѐ уште стои на ѕидот св. Ѓорѓија качен на коњ и со копјето ја држи змијата прикована за земјата; наместа малтерот е паднат, та змијата е излупена во опашката, но јазикот ѝ е црвен, свеж и заканувачки издаден; гробиштата околу црквата се расфрлани без ред.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Им даде знак на војниците и тие се качија на покривот, ги расфрлаа ќерамидите, ја откорнаа чатијата и почнаа да го рушат ѕидот кон патот.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И ветар што излегува како од библијата расфрла псалми наспроти ѕвездите меѓу кои сега шета детето Некогаш безгрижно што си лежеше покрај стожерот.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
И времето во него неблагодарно да легне и мовта да се веди по неговите гробишта расфрлани и заборавени во долот.
„Липа“
од Матеја Матевски
(1980)
Само пувка, искри расфрла, оџак му стана устана.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Само пијат, само тепаат и само тргаат цигари. Се расфрлаат со сѐ.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Тогаш, тие години, гледајќи го расфрлан на сите страни и неприбран дома, не со злорадост туку со жал за него, некои пуштија глас дека од што се вдал по одобрението, Максим се померил од умот.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Долго по него, тука наоколу, се расфрлаа неговите коски, но и нив земјата, невремето, ѕверовите и последната Голема војна сосема ги уништија.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
А од нивната касарна, таму најгоре на Чауле, како сведоштво за немоќта на војската да се одбрани од ајдутските напади, и ден-денеска се расфрлаат камења и старовремски ќерамиди.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)