разликува несв.
разликување ср.

разликува (несв.)

Да ги споредиме овие два процеса. Едни историчари и филолози тврдат оти јужните Словени уште до доаѓањето на Балканскиот Полуостров се разликувале помеѓу себе, т.е. составувале два одделни народа: Словени /Бугари и Словенци/ и Србо-Хрвати. Така тврдеа Копитар 129, Миклошич 130 и Шафарик.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Еве што означува: Македонците беа крстувани со национални имиња со кои тие се разликуваат од другите соседни со нив народности, т.е. од Турците и од Грците, па и од Власите.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Нунковците му клаваат едно име на кумчето за тоа со него да се разликува од другите луѓе, деца, жени, моми.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Бесмислено и здодевно ми се потсмевнуваше што со мака ги разликував „ч“ и „ќ“, сѐ додека сосем не престанав да ги разликувам.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Кога можеше да зборува со отец Арсенија, гледаше да го наведе да му го раскажува неговиот живот, кој во ништо не се разликувзше од Сталевиот.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
А до него достигаше еднобојна шушкавост и тој, напрегајќи го слухот да ги разликува подмолните звуци на невидливите испреплетени живци, полека разбираше.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Затоа се трудеше да им ги запамети гласовите за да ги разликува по нив и затоа безволно се бореше: „Зошто мене ме прашувате? јас сум лекар, хирург. Мобилизиран сум.“
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Сето тоа минува крај двајцата борци и се таложи во длабочината на свеста, а таа обеспокоена ги гледа и не разликува кој треба да биде оној со кого разговараше, кој внукот.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Тапо погледна во браќата и остана зачуден; не разликуваше кој е Мануш а кој Јанкуло. „Кој тоа?“ праша.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Но, имаше време, а имаше и место за да го стори тоа толку споро, и неговото движење да не се разликува ни малку по својата незабележливост од она споро движење на сенката околу дрвото во сончев ден. Така ги очекуваше.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Просенија последен пат некаде угоре, тоа дека беа над него го сети само по болката во преоптегнатиот врат, прошарија низ белината, која што немаше никакви други димензии освен таа вртоглава длабочина на матежот, која стануваше уште побездона од тоа, што имаше нешто во што можеше да биде впиен заталканиот поглед таму, под паднатото небо, кое не се разликуваше по ништо од наврнатата земја, се мернаа уште некој пат, а потоа врнежот се заклопи за нив и бесповратно ги скри.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Од друга, помала грутка, што ја дупнува малку во средината за да се разликува од шпоретот, таа прави тенџере.
„Зоки Поки“ од Оливера Николова (1963)
Јагнето имаше црна дамка на челото, црно опавче, па лесно можеше да се разликува од другите јагниња.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Под калта и 'рѓата по лицето не можеше да го разликува бело или црно ќе биде.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Но, во едно се разликуваа. Едната верверичка, што се викаше Буба, беше многу ранобудна и многу работлива.
„Раскази за деца“ од Драгица Најческа (1979)
Тој има своја убавинашто го одделува п своите специфичности од другите градови, можеби, како што Париз се разликува од многу други светски метрополи.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Но животот, според режисерите, во 2.000 година, многу нема да се разликува од денешниот.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Во Уј бев на гости кај мојот сонародник Драган Христов, кој овде толку се натурализирал што и не се разликува од луѓето кои тука се родиле и тука живеат.
„Патувања“ од Никола Кирков (1982)
Откако минува низ дваесетина соби, помислувам дека тие всушност не се разликуваат меѓу себе.
„Младиот мајстор на играта“ од Александар Прокопиев (1983)
Сеедно што, ако беше така, ако свети Јован Крстител го одвел Бошета, остана отворено прашање кое беше чупалето - Божја ќерка?! - кое беше лично како цариче и кон кое и сами Јанческите и сите другите се однесуваа како да е навистина цариче, (Јанчевци од залакот си делеа за да го облекуваат во коприна; дури и градски кревет му купија, го поставија во женската одаја, веднаш под пенџерињата што гледаа во дворот и на гумното и двојно ги зарешетчија), а тоа заедно со децата Јанчески и заедно со сите деца од Потковицата си играше и си растеше со ништо не разликувајќи се од нив, ниту во игрите ниту, пак, во говорот.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Повеќе