поштук (м.)
– „Пушти го, Велко чедо, штркот, пушти го, му рекла Неда, оти е гревота, зер и тој, завали, е некој вдовец ја вдовица како мене што сум без татка ти, еве ќе стори близу две години како поштукот му го нема.
„Силјан штркот“
од Марко Цепенков
(1900)
Една ноќ загинаа од крушевичките ливади три маски и два коња од Ќемалбег и поштук не им се најде.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
И вистина, кога им дојде времето исчезнаа без трага, без поштук.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Тоа коските наши се сушат, Тоа зад нас нема никого и ништо - Ни поштук – ни збор!
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Утрото, рано пред да се раздени, Ордана го натовариле на коњ, божем за да го однесат во џандармеријата во Алинци, и уште еднаш поштук не му се најде, рекоа избегал во Бугарија.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Кај исчезнаа сватовите, каде исчезнаа младенците, кај поштук фатија свирачите, до ден денешен не разбрав, а прашував, и до ден-денешен прашувам.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Го прочитав писмото и во умот, ко за себе, реков: кај исчезна, кај поштук фати стрико Бојане, та цела година ни око ти немам видено, ни глас чуено?
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)