потурчи (св.)
Фатија да ни земаат наши деца, да ги потурчуваат и да прават од нив јаничари. И тука молчевме.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Е ... колку пари ќе ни чинеше кожава да ја потурчеа! Колкаво леќе за вујка е кир Ристаќија! (со себе си).
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Но иде за да те граби, да те одвлече жива одовде за да те земе за жена, да те потурчи оти си убава.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Се потурчила и си рекла: - Згрешив ама, господи, змија му родила да му родам!
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Се приближи до Анѓа, ја фати за црните цулувци наквасени со крв и плуканици, и се заѕвери во очите и за последен пат пак преку песна ја праша дали ќе се потурчи, но таа уште повеќе ја исправи главата и писна низ плач дека: каурка се родила, каурка ќе умре; верата не си ја менува, турска кадана не станува...
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Продолжи да доаѓа кај Анѓа, не да ја наговорува да се потурчи, ами да ги слуша нејзините слатки зборови за она што се разбуди кај неа.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
И наместо таа – Мигар – да повлијае на Анѓа и да ја наговорува да се потурчи, Анѓа нејзе и откри една вистина од која оваа се потресе.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Ќе ја менам верата и ќе се потурчам. Турците јадат баклава, татлии, локуми и се гостат со слатко и благо.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Како што рекол и така направил, се потурчил... На новиот Турчин сите му донесле дарови... кој фес, кој појас, кој ова, кој она и убаво го дарувале.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Катиното живеење на кулата Толе не можеше да си го објасни инаку освен дека се потурчила.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
На крајот се разбра работата од каде беше: Мајка му на јузбашијата беше била каурка — Гркинка, но беше побегнала за некој си бег во Солун, ама од голем мерак што имале обајцата еден спрема друг, таа успеала да го кандиса да не ја потурчува, што значи тој беше од татко Турчин, а мајка христијанка, која во неговото детинство беше повлијала на неговото воспитание и разбирање за каурите.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
А штом се потурчила сигурно и таа смрди како Адем и другите Турци.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Од срам, или од жал, не ѝ рекоа дека Јован нивни се потурчил, туку дека го зеле во војска и дека кога ќе се врати бездруго ќе ја повика неа за да ја земе за невеста.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Во тоа, да им поверува на Дамческите дека Јован нивни не е потурчен туку е земен војска, Руса имаше основана причина.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Но тој, Јован Дамчески, веќе беше изгубен за неа, и за сојот Дамчески и за сиот христијански свет; падна во сплетките на Мусли бег и се потурчи.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Тогаш, две години пред раѓањето на српскиот социјал-утопист Пелагиќ и две години по смртта на францускиот социјал-утопист Фурие, припадникот на движењето Млада Германија, Гуцков, проповеда во својата литература еманципација на жената напаѓајќи го црковниот брак; во Македонија, негде во Леринско, потурчени се сосила три девојки, четвртата е силувана и оставена на пченкарна нива со пресечено грло, и убиен е негде во Скопје поетот мечтател Селџик-бег, Турчин и заштитник на православната сиромаштија; мртов не ќе го види уништувањето на шумите на тој народец кога во Европа почнува засиленото садење на борови.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Тоа биле студени години во кои сиромаштијата под планинската црногорица му плаќала на султанот данок со крв, кога делии со зелени чалми ги собирале машките деца и ги носеле во булук кон Стамбол и кон Едрене, таму да ги потурчат, да ги научат да бодат со копја и да сечат со синџири, и самите подоцна, како брадести јаничари искитени со шарени перја и натоварени со топузи и криви сабји, да собираат нов данок во крв и да се борат против ајдутите во чии чети бил и Парамон Мечкојад.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Со чувство на вина што не се простува, ноќта се распаѓала на резенки и претставувала уште само сенка на ридови и на ритчиња, премногу косопасни и соголени од чифлигџии и селски копуци за да минат запрегите низ шума или да се присокријат негде призраците на Самоиловата коњица, или на Крум или на Душан, или на кој и да е војувач на ова парче земја чиј народец го проретчувал кој како ќе стаса, најпосле врз неговата тиква да се струполи и топузот на Бајазитовите потомци, тој топуз да ги потурчува каменот, земјата и човекот со тапија потпишана одлево надесно и да граба од 'ржена слама машки деца - подоцна под сабјата на младите јаничари да дојде понекогаш родниот брат или татко, ни колачот ни закланиот да не знаат дека крвта пролеала своја крв.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Селото Бразда, сосе селаните, до пред ден-два, беше во атарот на Свети Ѓорѓија-Горг, а сега, откако манастирот беше затворен од Турците, имотите им беа разделени на заслужните воини од битките во Унгарија и Босна, а селаните, заедно со нивите, шумите и чаирите, без едно-две, станаа кулукчари и поданици на Падишахот, потурчени насила и дури со амин од игуменот, за да не се крене поголема врева и да не се исукаат јатаганите.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Што беше сега ова? Сакаше ли бегот од него да направи кодош, само затоа што доброволно се потурчил?
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)