посребрен прид.

посребрен (прид.)

Во појасот, со посребрена рачка, на сонцето блескаше неговиот нов револвер.
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
По еден нерод, не толку старечки колку продолжување на кошмар, разбуричканост врз која пливаат трупови на мртви мисли, Богдан Јанков се обиде да ја поврзе нишката меѓу парчето рај од сонот и рајот од кој светецот во шарена одежда им покажува на крстените паганици дека православјето им носи благодет, посребрена чубрика за толчење или за венче околу глава.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
По еден или два часа зад полноќ, кога веќе ни месечината го немала она нужно значење на таинственост, далеку и со острината на рабовите забуцана во неподвижен облак како парче на посребрена лопата во сива и лилава земја над самата земја, ридовите се згуснале, биле исплашено и гровнато кртило на непознати животни, речиси повеќе правоаголници, триаголници и искинати елипси на светлост и сенки отколку скаменети крмници со џиновски стави.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Навистина, си изгледам буденброковски во сивото, сомотско куќно палто на татко ми, готов да го отпочнам разоткривањето на возбудливите моменти од семејната хроника, поткрепени со пожолтените фотографии, преполнети полици на библиотеката, заладеното вино во посребрените чаши: Убиството на прадедото Хаџи-Васков, прикажано во вечерашнава верзија со посебен нагласок на величествениот предсмртен гест кон атентаторот, - „Нека ти е простум, синко, ни самиот не знаеш што правиш“, ја тера Ева III, да ме стисне за рацете, а штом минувам на единствената љубовна приказна за Ѓорѓи, непокорниот син на Прокопија и српската учителка, мојата ноќна посетителка, сѐ уште цврсто држејќи ме за рацете, клекнува пред фотелјата и оддолу, ги впива секој збор во ширум отворените очи.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Од волшебниот огин во цветовите очички на убавицата, испарија и посребрените веѓи.
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Се разбира, првин си ја зела врската со клучеви од напуштените куќи, потем посребреното огледало од својата мајка која никогаш не ја запознала, но на која често ѝ зборуваше на својот јазик на молкот, преку огледалото, потем малиот ковчег од чеизот, кој никој не знаеше што чува.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Во секој нејзин посребрен кичер се криеше тајната на нејзиното страдање, вкоренето во длабочините на нејзината душа.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Во Мајкините реликвии, во малиот ковчег, покрај каталогот на римската стоковна куќа Ла Ринашенте, од пролетната мода на Италија, неколкуте стари италијански весници, стари фотографии, трите заборавени знамиња, се наоѓаше и врската со клучевите од напуштените куќи крај морето и крај езерото, како и едно старо посребрено огледало кое го наследила од мајка си која никогаш не ја видела.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Некој стави паричка од пет центи во отворот на автоматот и утробата на џубоксот мина низ цела серија трескања, пред глас тивкиот и сладникав да почне да го смекнува ѕвечкањето на чиниите и посребрените предмети.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)