плисне (св.)
Една мала, топчеста бригадирка, преврзана со бела шамија, кога усети дека ја блисна студена вода и и’ се разлеа по градите, цикна преплашено и го испушти чанчето на земја; Мече се засркна од смеа, а после нацрпи во црпалото пак вода и уште неколку пати ја плисна бригадирката, која што беспомошно се обидуваше да се одбрани со раце: – На, сакаш уште!
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Чекав да удри гром, да плисне порој, да дојде глутница седништа, за да ја покажам својата гусарска нарав, зол секогаш, сегде, кон секого.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Ќе те плисне ветерот, ќе проструи свежина и ќе здивнеш слободен од некаква тежина.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Далеку, грми. Ќе плисне како во прикаските на Библијата.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Зората во моето поле е како виолина напрегната Ридовите молчаливо руменеат како мислата на мене а гулабите играат во синевината како нашето чекање Виолината го крие во росата цвркотот на будењето Тој е како твојот смев набрекнат во младите гради Сонцето заигра по жиците и плисна млеко на музиката по сонливата трева Зората се кикоти и примира од смеа...
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
И, како да не му ја запалија куќата, се врати во малото одајче, од кое последната вечер, испраќајќи го, жена му плисна по него вода.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Зашто ова попладне има прсти од блискост од свое в месо да ти се вовлече капнато да се протега под кожа во коски во сѐ што си и што не си. И не стој се искачи рекава го мина брегов ќе плисне врз тебе ти трчај да не те стигне сево попладне зад себе што го оставаш дур не го изгасне. Трчај гори попладнево.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Тие го плиснаа со топлиот здив на животот во домовите.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Се измори. Кога ја плисна последната капка од познатите пцости, едниот рече: „Си напаѓал луѓе. Тоа е.“ Не издржа. „Оние бројки - луѓе!
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Беше синозелен мраз во неговата длабочина, беше искадравен во дебелите столбови мранзули, полеани и плиснати надолу, како замрзнувањето да беше фатило и скаменило само еден миг од разиграноста на палавиот поток, со сета негова боја, со сиот негов немир.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Нешто се напнуваше, нешто не можеше да биде задржано, а после, сосема наеднаш, по сета негова внатрешност избликна од некој скриен вир во него и се плисна по неговото лице, едно чувство, од кое сега почнаа да му лазат некои меки, едвај осетни допири под очите, тоа го зајазлуваше неговиот здив, сѐ додека сиот не се згрчи и не препукна во едно придушено липнување.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Ќе потече ли еднаш водана, мислеше, ќе се откине ли таа од оној мраз, и ќе ја плисне ли еднаш својата сила во црнине копанчиња на турбината долу.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Слегов од коњчето, го плиснав бензинот во камионот и го запалив.
„Волшебното самарче“
од Ванчо Николески
(1967)
Но, според старата добра навика, примена од деда си, се спушти прво до поточето што гргореше на дваесетина чекори под колибата, од нејзината југоисточна страна, и десетина пати се плисна по лицето со студена вода.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Но штом ќе надојде езерото и ќе им плисне вода - тие одново оживуваат, одново им се враќа силата.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Попладнето, само што почнавме да работиме, плисна силен дожд и го натопи сеното.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
И, како што често може да се случи, небото се затемнило и плиснал силен дожд.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
А тебе не ти даваат време ни вода да се напиеш, да се плиснеш под гушата. Не смеееш со проштение, ни понадвор да мрднеш.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Далеку грми. Ќе плисне како во прикаските на Библијата.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Геле Накотник излезе омрлушено од зад решетките по две седмици додека неговиот постар пријател беше пуштен кога од планините плисна мирис на снег.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)