паларија (ж.)
Кузман полека чекореше. Рацете му беа завлечени во длабоките џебови, паларијата - зафрлена на тилот.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
- А ако не е тој? го прашуваше неуверливо и расеано општинскиот писар; голема паларија на тркалестата глава величествено го разубавуваше.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Токо, тоа се стори шо се стори, гледај ми си и Доцо дечињата и барај ми си капа според ќелавата глава, та не гледај оти векот носиле фесови со пискули или дури и паларии. Тие глави се други глави.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
И тој се изненади: - Јас мислев питачи идат, а тоа наши луѓе дошле, - рече тетин Доне врзан со пороже околу појасот преку ќурдијата, и со истата онаа донесена паларија што ја имал од времето, со мустаци чии влакна секогаш стоеја наежено.
„Будалетинки“
од Мето Јовановски
(1973)
Мажите, помладите, со паларии, вратоврски, бели кошули, бели панталони, со прстења и блескави часовници на рацете, жените со разнобојни фустани, со високи штикли, најмодерни фризури, како да се собрани од некој најмодерен градски булевар и доведени тука да бидат статисти во нечија режија, во нечиј филм.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Но дури така Јован и Крсте си ја гледаа страшната смрт во тесното одајче, а кајмакамот и бимбашијата ги трлкаа задоволни рацете, оти за неколку минути или најмногу саат ќе ја свршат и оваа царска работа, по уличето откон битолско џаде се слушнаа прапорци од пајтон, а на местото од пајтонџијата не човек со црвен фес, ами европејска паларија, а до него исто таков друг, со шарен бајрак во раката.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Не личи тој, меѓу козари да оди со паларија!
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Соседите со години подозриво го гледаа единствениот човек со паларија во маалото којшто со црна чанта секогаш во исто време, ја напушта куќата и се враќа доцна ноќе.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Татко ми никогаш, кога излегуваше од дома, не ја вадеше паларијата. Така беше и овој пат.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Шандор на главата има паларија со извиткан обод на кој не му се знае предна и задна страна; под раштрканите мустаќи му се гледа малечкото луле провиснато на крајот од устата; мевот му е испакнат и напиња на елекот што го стега; на елекот му се гледа синџирче од часовник што му завршува во џепчето каде што му е ставен палецот од едната рака; погледот му е сериозен, па дури и малку свечен од важноста што ја придава на сликањето, на чинот со кој ќе се овековечи градењето на куќата, на која е завршен првиот кат, а започнува вториот со оставени отвори за врати и прозорци.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Понекогаш ја облакаше облеката од татко му, ставаше вратоврска, паларија, ставаше мустаќи од волна, ставаше луле в уста, ја ставаше сабјата и шлемот што ги донесе татко му кога се врати од фронт и застануваше пред огледалото и се огледуваше.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Беше човек на околу шеесет и пет години, облечен во ново, со син костум на себе и вратоврска со еднододруго аплицирани јаворови лисја во силни бои и паларија со боја која наклонуваше кон кафеаво.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Велат, дошол кај тебе некој непознат и таинствен човек, рус и со паларија.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Паларијата му падна наземи. Мајка ја зеде и ја истресе со раката.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Тој си го беше облекол свечениот костум, си ја беше ставил и сивата паларија, со новата светла кордела.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Сѐ уште го носеше бастунот заради украс, да се дополни филцаната шапка со раб, паларијата и сивиот капут.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Ќе седи тогаш на клупата под маслинките, се опрел со лакти на колена, ги пребира килибарните броеници, - старче со провиснати мустаќи, наклапушено со паларија што се чини секогаш понова од алиштата што ги носи; ќе си седи и го задоволува својот навик да ја гледа убавината на тукушто подраснати девојчиња, цврсто стегнати во црни гимназиски кецели со бели околувратници.
„Послание“
од Блаже Конески
(2008)
Нешто пред договореното време, тој го виде Карер како застанува под прозорецот и во веќе видениот ритуал, го отвора тешкиот капут барајќи си го часовникот што го извади од џебот на елекот, го погледна, потем го нави, го ослушна, го врати наместо, ја намести паларијата и зачекори кон долниот влез од просториите на СС командата на островот.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Ја стави врз ќелавата глава и сивата паларија со широка сенка.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)
Кога ќе го видеше човек како шета со рацете в џеб, со кренати раменици, смуртен, со паларијата наклапушена на чело, ќе си помислеше дека човеков е страшно огорчен на животот.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)