ораница (ж.)
Не мачи се, гавране. Ораница сум густо посеана со бол. Плодно набабрувам.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
Луѓето наследиле од дедовците навики и знаење; напролет го садат компирот на онаа педа земја што ја имаат, се веднат со копачките во лозјата зад ридот, го следат со очи снежното окопнување во дабовиот честак; налето се виткаат над компирот да го прикријат со тврдите грутки, ги колнат ненаситните кртови, чекаат дожд; наесен го слават гроздоберот и вардат - што помалку леб ќе се изеде, сѐ повеќе зрна ќе се засеат ораниците.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Знаат да зацелеат, како ни една друга животинка а нема да ти се вратат в раце, тие големи самјаци, сè додека се во состојба да направат барем уште еден чекор потаму, а ти оди ако сакаш по нивната крвава ораница со денови, со недели.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А таа спужена бразда, таа ораница во снегот, што можеше да биде здогледана уште од далеку како ја сече неоскверната бела зараменетост на снегот од крај в крај по самата средина на долината можеше да биде само една сомнителна дира.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Уште долго го носеше оној мраз во своите жили, имаше еден таков впечаток за себе, додека се валкаше преклонет по удолницата, не ни забележувајќи ја длабоката крвава ораница во снегот, како божем таа да беше нешто далечно од него, како тој воопшто да не беше причината за неа, чувствувајќи се мал за тоа да биде некаква причина, и сега веќе не очекувајќи ништо од тој ден пред него, кој можеше во себе да крие нешто за секој друг, а за него тоа беше само еден празен ден.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
И времето надвор боледува од астма: сонцето, бледо, без сјај, се потпира на голите гранки и се тресе од студ; ветерот јури преку црните ораници како коњица во паника и фрла игличести капки дожд по вагоните.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
- Сега сета земја е изорана, велам, сета земја е една голема ораница, велам и го превртувам на плеќи.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
* Од него, од тој човек, на сите страни се пуштале ластари и тие што биле негови синови и внуци и синови на тие внуци плаќале данок како берачи и продавачи на тутун, афион, шеќерна репка и памук, како колари, јажари, самарџии, ковачи, воденичари, гробари, управители на пошти, пандури, архивари или ја заборавила ораницата зашто станувале металци, обликувачи на порцелан, попови, готвачи, прекуокеански печалбари, но тој татко, дедо и прадедо, Зафир Јосков, бил поп, распоп и солунски продавач на мирудии и малоазиски мелеми и пак поп во неколку села под востаничкиот град на Питу Гули, на Никола Карев и на другите, да ги спомнеме без патетика.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Луѓето наследиле од дедовците навики и знаења; напролет го садат компирот на онаа педа земја што ја имаат, се веднат со копачките во лозјата зад ридот, го следат со очи снежното окопнување во дабовиот честак; налето се виткаат над компирот да го приткријат со тврдите грутки, ги колнат ненаситните кртови, чекаат дожд, наесен го слават гроздоберот и вардат - што помалку леб ќе се изеде, со повеќе зрна ќе се засеат ораниците.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Човекот- ѕвер бил поитар од животните. Еднаш, ноќе, влечен од алчност, зад гробиштата на селото тој убил свое чукаре и веднаш ја нурнал муцката во пресните дробови на добичето, на тој црн ангел за утрешни ораници.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Сам и бесен, со згрчени прсти во густата топлина на утробата, барал што не споменал уште во своите пцости и споменувал одново, по еден друг ред, од небо и земја до ораница и куќа, и сѐ така во непрекинат круг.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
А и со попот нешто се случувало: со млака 'рѓовита вода од преварен вртипоп си ги исплакнувал до вчера крвавите непца и учел нови молитви оставени во книга од некој покоен Јоаким Крчовски или од некој народен учител со слично име што и калем на овошка признава и длабочина на ораница советува.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Собрал од самоникнат пченичен клас зрна и ги фрлил во ореницата. Од зрната се развиле класја.
„Пупи Паф во Шумшул град“
од Славко Јаневски
(1996)
Да беше чиста и неизвалкана како до пред ораницата таа не ќе можеше да донесе таква одлука, ќе мораше да ја јави вистината, ама сега е поинаку со неа.
„Исчезнување“
од Ташко Георгиевски
(1998)
Балканска мапа: на секоја ораница по една – граница (хаикуизиран афоризам на Иван Карадак). Минатиот август, точно пред една година, како порачани, ми стигнаа во Скопје двајца хаику пријатели – Димитар Анакиев и Џим Кацјан (американизирано – Кејшн).
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
Но, се послала само непрегледна црна ораница која тука и таму беше ишарана со зелени сеченици на веќе подникнатото жито.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Лесно им е на оние кои од старите наследиле врзопи дукати, а моиве ја продадоа најдобрата ораница за да го направам куќарево.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Со здравата рака Циљка ја фати стврдната дланка на мајка си, ја принесе до усните, нежно ја бакна неколкупати и со насмевка полна тага, се потсети на нешто многу блиско, сакано и драго: - Мајко - рече тивко, гледајќи ја в очи - порано секогаш дланките ти мирисаа на топла погача и леб, на млеко и сирење, на сено и пченица, на зрело јаболко и печена круша, на вино и на мед, на џунџуле и босилок, на свежа ораница и на пепел од нашето огниште и од фурната.
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)