облетува (несв.)
Околу чунот облетуваа роеви пијавици, се лепеа по него, и видувајќи дека нема што да исцицаат, се откачуваа и ронеа во водата.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Стале облетува околу отец Арсенија, го служи и кога овој не заповеда, а и својата редовна работа околу авурот, воловите, коњите, кравите не ја остава поназад.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Качакот ја држеше главата провисната, гледаше в земја, сонцето го пржеше по темето, му облетуваа муви и инсекти околу устата што му пенеше и му гореше за вода, напинаше на јажињата со кои беше врзан да ги скине; гледаше во луѓето собрани околу него, гледаше во езерото што ја заплискуваше водата и со јазикот мласкаше, стружеше низ устата која сѐ повеќе му се сушеше; се вртеше и го бараше Делина да дојде веќе, да му го забуца куршумот и да го спаси од овие маки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Го носам бутот, а, по мене, улишта муви се загнале и ме облетуваат.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
А муви, муви, некои говедски муви, како со зод светнати, нѐ облетуваат, нѐ касаат.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Цели роеви муви и комарци нѐ облетуваат околу стрижените глави, ни ги поцрнуваат.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
А птиците вознемирени од тоа, сѐ посилно и помногубројно облетуваа над нив.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
2 Според подоцнежното раскажување на кукулинецот Лозан Перуника* (значи по седумдесет и осум години од настанот, кога тој веќе бил на прагот на своето столетие, поточно - според записите на некој калуѓер од илјада деветстотини и тринаесеттата година, кога веќе се гризеле со оган и челик под знамиња на лав или двоглав орел и атакувале едни на други преку полумртви села и градови во прашина, во чад и во треска бугарските дивизии на генералите Тошев, Ковачев и Иванов и српските дивизии од Првата, Втората и Третата армија на престолонаследникот Александар и на генералите Степановиќ и Јанковиќ, и едните и другите, мобилизирајќи ги македонските голтари од вардарскиот, пиринскиот и егејскиот дел на својот вилает да пукаат едни во други**, додавајќи му ги на тој хаос и грчките војски, сите три крунисани влади на тие армии во алчна агонија да лапнат по еден залак од Македонија), во она време големоглавиот и бабуњосан Адам Леновец им раскажувал на неколцина од дружината дека попчето што го мердале ноќе во Лесново не се занесувало толку по идејата на грчката Патријаршија за една голема и од Зевс или Саваот благословена Елада, тој неграмотник со ретка брада можеби за тоа и не знаел, колку што сакал да ги завлече прстите со многу топчести ковчиња под ленената кошула на Фиданка Кукникова; каменоделците по ден, најчесто пред своите жени со загатливо сомневање под клепките, ја проколнувале и ја пцуеле убавицата со дамки, со тие златни очи на страст и копнеж по милување, а ноќе станувале од постелите на своите жени, божем во дворот ќе шопаат широко расчекорени и без воздишки по она што пред тоа го сонувале, всушност како лилјаци ја облетувале Фиданкината куќа со еден прозорец под бушавиот сламен покрив и со напукнат оџак; жените веќе нешто знаеле за ноќната лилјачка игра на своите мустаќести балами и со дукат го наговарале попот да се преправи во козинав врколак и да внесе страв во селото; ама и на попот, како што раскажувале, не му висел под папок суџук од мелено козјо месо; и тој станувал бабачко кога ќе се сетел какви тајни си криеле жените под кошулите.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Пеперутките го облетуваат привлечени од миризбата на сапунот со кој се мие Богдан што мириса на калофер, зумбул или вратика.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
Марија беше станата, но ја облетуваа новинари и фотографи и ја претрупуваа телефонски повици од сите страни.
„МАРГИНА бр. 32-33“
(1996)
Имаш видено колку инсекти облетуваат околу еден цвет во едно претпладне.
„Жената на белогардеецот“
од Србо Ивановски
(2001)
Занесено се спуштал над керамидите, облетувал околу куќите, се вртел и превртувал како највешт гулаб.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
На моето дрво имаше рој, ситни врапци, кои непрестанато го облетуваа и колвеа нешто црцорејќи.
„Ветришта“
од Радојка Трајанова
(2008)
Кога ќе раздени, ако раздени, нашинцитесо крилца на црни лебеди облетуваат туѓи стравови и парадно му отпоздравуваат на Диоген.
„Кревалка“
од Ристо Лазаров
(2011)