неумолив прид.

неумолив (прид.)

Се колебав. На широчината неколку деца играа челик и ме привлекуваа а Баждар беше неумолив.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Беше неумолив. „Предај ни го твојот револвер“, рече брестот.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Аргировите зборови ѝ ја раскинаа нејзината коприна, ја разголија и ја открија онаква каква што и беше таа за мајсторите: тешка, неумолива.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Се молеше Бојана и се заколнуваше со тешки мајчини солзи, неумолива во својата преголема болка за толку рано однесениот маж и непоколеблива во своето решение да го запази синот, својата радост, својот нов живот, да го запази од сите патила што ги носи печалбарскиот живот.
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
Единствена промена, за која не знаеше однапред каква ќе биде, и единствен знак на живот во таа изумреност наоколу беа само оние неумоливи и во секоја идна ноќ сѐ поостри и побезбедно гладни и силни писоци на дивината.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Наеднаш сѐ беше станато сосема матно, една матеж, во која тој сега продолжуваше неумоливо да тоне, увиснат, со рацете обесени под себе, исто како некој далечен дел од него да беше отпуштен некаде назад; сега таму беше одврзано она, што досега сѐ уште можело да го држи, тоа сега се разлабави и го занесе.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
А уште веднаш, штом го изврза последниот јазел за дебелиот пар над своето лице, клепките му се спуштија со ужасна неумоливост.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Дното е поплочено со ружи Огромна сува река Тече неумоливо како раѓање.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Зошто да кријам, Овидие, бев . . .преплашен. мојот совршен близнак ме чекаше во тесната просторија, во неумоливата соба на Времето, и јас ги чувствував магнетните пипци што ме влечеа во таинствената, заумна одаја.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Пред мене избезумените воини, попови, професори, студенти клечат пред неумоливата рака на оганот.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Секогаш има возови што пристигнуваат и заминуваат, но во Играта во која втрча почна да насетува некои таинствени, неумоливи законитости.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
Умира и се менува со нов, ни тој не може да му одолее на летниот валцер... ен два три...ја загнездил мама во себе и танцуваат, танцуваат...ен два три...ен два три...како е можно да не те повлече таа неумолива, таа безгрижна вртелешка...ен два три... нашето страдање е и радост и ново раѓање...ен два три...смеата нека е смела и брза – повеќе да дава помалку да чува...ен два три... зборовите сакати се, мислите немоќни се губат – кога сме плен на тонот снен...ен два три...ен два три...моите бледолики родители меѓу исончаните мускули на танцувачите меѓу црвените жици на решетките...ен два три...ен два три...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Ги менуваше белите свилени кошули секој ден, а откако во него се всели неумоливата гушителка – туберкулозата, по три на ден.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Козјото време течеше со својата неумолива логика, посилно од идеологијата што сакаа тие по секоја цена да ја наметнат...
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Пред неумоливата, татковинска вистина, која инаку, е општо позната, макар што тоа сѐ уште никој не го знае, бидејќи сѐ уште не се прочуло, Енценсбергер потполно занеме; делува како залутан молекул на една непријателска територија, која Србите секој момент ќе ја освојат.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Но, природно, кога еднаш ќе го разбереме тој двоен императив (толку оптоварен со спротивности), кога еднаш ќе се придвижи неумоливата критика на политиките, на сите политики коишто, во далечното или непосредно минато, ги создале претпоставките за војна (одлуката која можела да се донесе нужно била само страотно стратешко обложување чијшто влог - еднаш кога трагедијата се ублажила, со тоа дека никогаш ништо нема да ги надокнади мртвите кои ѝ беа цена - е можноста да се сочува помнењето, извлекување поуки и подобро разбирање на тој двоен императив).
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Во одговорот на некоја молба, повик или заповед сигурно се придвижува некоја творечка замисла која веднаш покренува одредена програма, систем на очекувања, за најпосле и самиот да ме изненади со тоа што е неодолива, заповедна, дури неумолива, како некој мошне строг закон.
„МАРГИНА бр. 11-12“ (1995)
Приказната? Дива сатира. Неумоливо, луто, сурово, цинично изложување на официјалната хипокризија, пуританската репресија, религиозниот авторитаризам.
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Но тој се лажеше, зашто не ги познаваше неумоливите закони на љубовта, иако знаеше дека уште премудри Соломон рекол: „Можеш ли да си туриш жар в пазува, а да не ти изгори кошулата?“
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Амбасадорите на поголемите земји како на САД, Франција, Германија... неврзаните Индија, Египет, неумоливо беа на наша страна, повеќе се интересираа за внатрешната ситуација во Југославија отколку за нашата улога во движењето на неврзаните, самоуправното искуство...
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Повеќе