неспокој (м.)
Бојан мислеше на своите. Во градите уште од некни му се валкаше мала грутка неспокој, која, со одминувањето на деновите и со непрестајното пластење на снегот, нараснуваше, почнуваше дури и да боли.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Се превртуваше Бојан на леглото, сакаше да се одмори, сакаше да ги изгони непријатните мисли, зашто тие значат само неспокој, болка во душата, но не можеше да се одбрани од нив.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Бојан чувствуваше некаков неразбирлив неспокој.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Музиката течеше. Немаше место за неспокој. Таа беше вистинската.
„Пловидба кон југ“
од Александар Прокопиев
(1987)
Пред мене, кај шолјичката со црн талог и со отпушоци слични на мали надгробни споменици во котлина од која нема излез, лежи хартија на која сум запишал меѓу другото: Темната возбуда, носи неспокој, нѐ фрла во тивок очај или некорисен гнев ...
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Но, да продолжам: младиот човек, во сиот свој неспокој, се сети на гатачката, слепа старица која му ја навести необичната судбина.
„Слово за змијата“
од Александар Прокопиев
(1992)
Татко тогаш го обземаше видлив неспокој, како кај вистински патник чиј последен воз заминал бесповратно.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
Мајка го чувствуваше убаво Татковиот неспокој.
„Ервехе“
од Луан Старова
(2006)
А и неспокојот одамна не му го напуштил срцето. Неспокојот, чувството на вина и гневот.
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Ќе остане само твојот
метафизички немир
гребнатинките, перцето време
врз тетратките и фреските
продолжениот одѕвон
на зборот
твојот неспокој, и кога сликаш
и кога кршиш!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Наместо со мирисот на цутовите, воздухот беше презаситен со атмосферата на протести, немири и општ неспокој што го означија крајот на март и конечно со веста за државниот удар извршен против прогерманската политика на Дворот.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Помеѓу двете зелени утра е нашиот неспокој зборот е таа страшна гасеница што нѐ брсти.
„Посегање по чудесното“
од Србо Ивановски
(2008)
Тоа беше свадбена пролет и неа ништо, па ни неспокојот, разговорите и изблиците на војната што почна засилено да пламнува, не можеше да им ги одземе.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Дека ќе стражари ноќите во куќата, над празните кревети на двата сина, и посебно над нејзиниот неспокоен сон, кога таа конечно ќе заспие од умор и растечки неспокој. „Мислат, тато“, конечно му одговара Нина седнувајќи покрај него во суката.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Мајката не може да го види тажниот неспокој на своето дете; таа гледа кон некое друго место, некаде далеку.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“
од Гоце Смилевски
(2010)
Сите еден ден ќе ја запознааеме болката и некои страдаат секој ден, секоја ноќ, секој час, малце по малце, и не се предаваат, се борат со злото, искушението и неспокојот и го наоѓаат својот пат.
„Жонглирање со животот во слободен пад“
од Сара Трајковска
(2012)
4. кога се враќав од јапонија не можев а да не кршнам малку од истокот понаисток а понаисток се вика кјото како што поназапад се вика токио понаисток некако е потопло во просторот на насмевката понаисток резниња тишина се лулеат на небото а и сонцето е некако поинакво наутро весело од изгревање напладне клапнато бара сенка за отпочин од толку многу изгревања и од толку многу запнувања на златниот и на сребрениот храм во кјото секогаш да им се позајми повеќе блесок да не би да се луѓосаат и да подгрбават да зарѓават а да бидат уште живи како што им се случува на мнозина кои и не забележуваат дека одамна им се скинале пантолоните на времето во кои се навреле којзнае кога којзнае како и којзнае зошто пред храмовите на кјото дурлат води отежнати од историски искушенија дурли во водите без омекнувач меката душа на градот во водите пред храмовите во кјото птиците парадно се огледуваат па потем не може да се изнагракаат од среќа отшто во воденото огледало биле толку лични прелични во водите прд храмовите на кјото има и многу меурчиња од последниот здив на исчезнатите има и меурчиња од празни зборови има и удавени тешки зборови и не се знае какви тешки метали од зовриените води пред храмовите на кјото се прави најубав јапонски чај од јасмин на пример кој се срка додека на телевизија врват најновите вести а на врв вести ново биро за изгубени работи и едночудо ослепени од толку зјапање во иднината на дното на вестите празнина како на дното на зеленото шише од изглоканата вода макаршто вестите на телевизија секаде се есапат како канти за полевање на заблудите кога се враќав од јапонија многу ќе згрешев ако не кршнев малку од исток понаисток и ако не се поздравев со калиграфите кои приклаваат секој колку што може во ќуповите во кои се варди душата на градот тие приклавај други отклавај тие зелен спокој другите црн неспокој и едните и другите петпари не даваат кога се разминуваат со рикшаџиите како со жива теглечка сила за кои веќе нема сенки под искастрените гранки на старите дрва а не им е ни предодредено да се пробијат до првите редови од каде што најубаво се гледа најубавата кабуки танчерка понекогаш на рикшаџиите им потекуваат од очи глазирани зрна ориз веќе наизуст ги научија говорите на сите политички и еколошки митинзи и ним како и на говорантите отшто се толку дотерани како за на кадро никој не им верува колку мака си теглат за вечер да каснат едно обично ќофте и да отсонуваат една голема топка сладолед од ванила.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Дали мислите се лага, што се случува на осаменик кој избрал животен пат таков на борба, но сепак мир , во секојдневен неспокој.
„Илузија за сон“
од Оливера Доцевска
(2013)
Виталниот динамизам што го покажуваа Татко и Камилски, во донкихотовска мисија од збор до збор, во чувството дека го откриваат пресудното во секој збор, беше одвреме-навреме обележана од нивниот метафизички неспокој.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)