напрсток (м.)
„Јазикот да си го каснеш!” ѝ велеше тој, и секое утро, уште пред да се разбуди таа, Полин излегуваше од дома и шеташе по сите околни места и собираше разни лековити тревки и билки: матарка, лопушка, кофил, калуѓерче, русе, златарка, прешлика, штрково цвеќе, напрсточе, млечарка, кострика, лишарка, кадифче, коњски босилок, чочорка, цволика, кикара, вратика, жалфија, калофер, добричица, царево око, иванчица, вртолумче, лобода, пчелинок, кукавичица, курвиче и др.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
И пак сета моја брада ќе ја напикаш во напрстокот на абаџијата Панчо Крстин од Кукулино.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Целата нејзина гардероба се состоеше од блуза и гаќички под фармерките што можеше да ги спакуваш во напрсток. И зиме.
„Продавница за љубопитните“
од Мето Јовановски
(2003)
Од сета терапија на својата комплицирана дијагноза тој највеќе го применуваше десеттиот рецепт од Богевиот совет да не се нервира; па затоа полната дланка апови, таблети и капсули трипати на ден ја заменуваше со три полни напрстока од капачето на шишето коњак.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
По обичај, приседнавме во кујната на столчиња од рогозина, на по еден напрсток од черешновницата за добар пат, а потоа Верга почна да го товари Живка: еден балон велгошка черешновица, уште еден балон лачено вино, не едниот помал од другиот туку наопаку, една кошница чисто месо и чистена риба, уште една кошница грозје за децата и толку.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Своите посетителки од селото Паца ги седнуваше на стол покриен со простирка со реси и ги послужуваше со по лажиче слатко во едни тантелести чинивчиња како напрстоци.
„Човекот во сина облека“
од Мето Јовановски
(2011)