нанос (м.)
Како дар на времето, да се паметува, тие, војските, и горе над шумата и долу во ливадите, оставија мноштво окопи кои и ден-денеска полека се затрупуваат од ветриштата кои дуваат од север и од северозапад, од кај Прилеп и од кај Крушово, направо низ влезот на Потковицата, и од наносите на пороите.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Речиси сред, небаре спружена дланка, се белееше песочен нанес.
„Клучарчиња“
од Бистрица Миркуловска
(1992)
Секогаш кога ја прекинуваше работата за паузата за спиење, Винстон настојуваше да не остави на масата незавршена работа и секогаш кога ќе се довлечкаше назад, со залепени очи и сиот вкочанет, ја затекнуваше затрупана со нов куп книжни трубички што ја покриваа како снежен нанос, закопувајќи го говоропишувачот и претечувајќи на подот, така што негова прва задача беше да ги среди ролничките во колку толку уреден куп, за да си ослободи простор за работа.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Тогаш уште немаше грди наноси меѓу мене и Симона, поточно јас се сопињав на нив, а не ги гледав.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Прво ликовните експерти, со своите вперени погледи како телескопи и со долгите нокти на малите прсти остри како пинцети, почнаа да копкаат по слоевите бои и да пронаоѓаат по нешто на неговите платна: те однос на светлина и темнина ваква, те однос на бои ваков, а не таков, те потег од оној сликар, те композиција од овој, нанос не од четка туку од шпахла, па дури и елементи што не спаѓаат во сликарски бои ами во столарски отпадоци.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Покривите на куќите и на амбарите попуштиле; стадата се задушиле во трлата; овчарите умреле обидувајќи да се откопаат од снежните наноси.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
Снежните наноси биле толку длабоки што ги затрупале клисурите и тогаш планините ги изгубиле своите вообичаени форми.
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)
4.8 Сега навикнувам на живот Надвор од времето Во кое, наслушнувам, Рика ноќта како болен бивол Пред наносите на раздробена срча.
„Век за самување“
од Веле Смилевски
(2012)
Заедничко гледање низ прозорец без цел додека ветрот снежни наноси носи. Животот е баш овој ден.
„Портокалова“
од Оливера Доцевска
(2013)
Има видливи обележја на глацијација: флувиоглацијални нанеси, морени, циркови и две глацијални езера - Пелистерски очи.
„Молика пелистерска“
од Бистрица Миркуловска
(2014)
И пред да започнат со операцијата чистење на зборовите кои требаше конечно да завршат во минатото, како историзми, тие постојано се бореа со наносите што ги имаше секој збор отаде своето време поставувајќи си го постојано прашањето: каде останува тоа што веќе минало, дали минатото на некаков начин минува во сегашноста, дали е вечно присутно, дали идното е во сегашноста, дали тоа што било конечно значи никогаш повеќе, дали народите кои не го знаат своето минато се осудени одново да го живеат?
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)