мир (м.)
Тогаш сите национални и религиозни пропаганди, коишто го цепеа народот на разни групи, непријателски една кон друга, ќе се отстранат и ќе настапи мир за народот, за Македонија, за Турција и за Европа.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Што сакаше да рече Турција со тие списоци е многу јасно: „Јас сакам да воведам реформи во Македонија, но наместо реформи сега-засега ќе воведам аскер и маки, зашто земјата се готви за револуција, подготвувана од престапното работење на комитетите, коишто претставуваат како држава во држава: ќе ми дозволите првин да ја смирам земјата и да воведам мир, а после ќе се воведат нужните реформи”.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Откако биле заземени градовите, Бурите ја продолжиле борбата со партизанско војување. Дури на 1.7.1902 год. Англија ги присилила Бурите да потпишат мир и како автономни републики да влезат во Британската Империја.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
МАНОИЛ: Жена ми, оставете ја на мира!
„Духот на слободата“
од Војдан Чернодрински
(1909)
Живеј си со народот во мир и љубов. Од земја сме и пак земја ќе станеме! Поминот е најдобрата работа, тоа ќе ни остане.
„Антица“
од Ристо Крле
(1940)
Му беше добро, но денеска се случи нешто што му го разруши мирот и го застави да го стори она одошто најмногу се плашеше: да побегне.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Но ни таму не најде мира.
„Луман арамијата“
од Мето Јовановски
(1954)
Ледено спокојство. Езерска шир. Тишина. Скаменет мир.
„Слеј се со тишината“
од Ацо Шопов
(1955)
Дур возот без починка рони во времето на ритамот монотон вечерва ти си задремала. Не спи, не заспивај, уморена. Колку е тежок тој мир на твоите образи живи кога патуваат шумно сите предмети мртви. Со бакнежот на погледот мој што чука на твоите клепки заклопени ти ги отворам очите сонливи.
„Дождови“
од Матеја Матевски
(1956)
Слутам дека адвентистот и мандолината веќе не ќе имаат причина за кавга. Богоугодно дело за човечки мир.
„Месечар“
од Славко Јаневски
(1959)
Авети, страшила кои никогаш не ѝ даваа мир... Тој залудно ја преколнуваше...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Остави ме на мир во својата куќа. Крши глава оттука!
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Тргаше од својата цигара - гледаше откосо и лукаво во несреќната, избезумена мајка ѝ, ненадејно и за неа, ѝ се роди и ја обзеде, во тој момент, некакво чудно задоволство да почека со својот план и да се насладува колку што може подолго на чувството дека ѝ се во рацете мирот и спокојството на оваа богата, чорбаџиска куќа.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Ми ветија дека ќе ме остават на мира. Биди храбра, само уште овој пат.
„Црнила“
од Коле Чашуле
(1960)
Арсо има само една желба - да остане тука во мир и заборав.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Тоа лице со преклопени клепки, како да тажеше, му се исповедуваше на светлосниот млаз што го поврзуваше осаменото момче со она, длабоко надвор од овој строг мир од ѕидови, потиснатост и мрак.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Глигор да го вратат во малата ќелија каде што има мир, леб и вода.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Беше на едно високо скеле, сега веќе ѕидар, а некаде во него, вкоренувана низ сите оние изминати години, долги, од неговото детство, почна да ги подава своите отровни повитки, една ужасна бездна, да се отвора и да се длаби пред неговиот поглед и да не му дава мира да се размавне и да работи, како што знаеше тој, како што работеа сите други мајстори, и во сонот опоменувајќи со длабочината на провалијата под него, ниеднаш не позволувајќи му да подзаборави, да си ја сочува онаа свикнатост со не.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Имаше нешто полно и глуво, нешто сосема решено и тупо од тоа, како некој полн, глув одзвук, сиот тој мир околу него, и сиот негов мир; тоа му го придушуваше здивот.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Сѐ ќе отиде по ѓаволите, заедно со вашиот мир. Уште малку, само уште некој час...
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)