интима (ж.)
Претставата се трудев да ја догледам, зашто очекував нешто понеобично да се случи, но тоа не стана, освен што сѐ повеќе, со сите свои интими на најчувствителното човечко катче, се разголуваше преразголеното човечко тело и анимализмот на снагата.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Имав голема желба да видам како, преку уметнички остварувања, на сцена може да се доживее она што секогаш останувало како најскриена дискреција во интимите на човекот.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Се дружевме со нам слично изобличени креатури, имавме секој сопствена интима и многу патувавме (секако индивидуално).
„МАРГИНА бр. 26-28“
(1996)
Сексуалните на настаните, иако во голема мера точно, веќе фантазии им се мешаа во ни оддалеку не нуди некаков поконструктивен главата со воените извештаи одговор и подлабоко понирање кон извориштето кои одекнуваа од одвртените на проблемите. телевизори и се пробиваа низ вратата од бањата до Нашето општество страда од конституциски нивните интими.
„МАРГИНА бр. 35“
(1997)
Тој обичај да се вметнува хорот во разговорот на Возљубената и Возљубениот трае низ целата Песна над песните, и за мене е несфатлив, оти некаде она што го говори Хорот поминува и во дрскост, во мешање во интимата, во заповед што да се избере а што да се отфрли.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Тој подолго време ја следеше мојата возбуда и насети дека се работи за некаква интима.
„Тврдина од пепел“
од Луан Старова
(2002)
Ќе ти влезе во свеста
ќе ти се пикне под кожа
ќе забега во зоната на интимата
и оп, еден ден ќе му појде од рака
да го состави она што ти си го скршила
да го препише она што ти си го избришала
да го ископа она што ти си го потиснала
длабоко во тебе, со луд ум на лавина
да го открие она што си го забранила
за јавна употреба;
ќе ги размрсува и повторно
ќе ги замрсува знаците-јазли
на твојот личен и на
македонскиот синдром
ќе си поигрува со преобразбите
од дамнини до иднини
од лично до колективно
ќе ги претвора софистицираните искази
и поетските евокации
во егзистенцијални слики
за да ја долови речито сочноста
на твоите исконски мори
на твоите детски занеси
на твоите судбински
застранувања;
можеби ќе те надмине
со помош на вродената
смисла да глуми
да ја игра улогата на другиот
да се губи во другиот
небаре голтнат од ништото.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Амам: промена на смислата
Не кога ќе влезеш
и кога ќе те заплисне врел
и непроѕирен воздух
не кога ќе те поклопат
капките разлеани по ѕидовите
реата, мермерот, мрморењето
не кога ќе те обземе вртоглавица
зашеметеност од празнината
на амамот, полна пот, плот и пареа
не кога ќе те погоди како отсјај во сон
светлината подадена низ розетата
дозирано, од високо
не додека студеното сонце-иње
од карши ги облагородува
дрвјата, релјефите, порталите, фасадите
на сараите
туку
кога ќе потонеш гола во гротлото
ко крвава рожба во исцедокот од водолијата
тукушто прсната, за да може
да се слизне низ пенџерето
на животот
(на)право во царството на немилосрдноста
кога збунетото тело ќе помисли
дека секое друго место е подобро
ама ќе остане и понатаму - таму
без да се помести
кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување
од секојдневието, од агонијата на распадот
(целото е мислена именка, далечно минато)
кога ќе се престориш течен заборав
божји благослов
и ќе му се предадеш на телото мислејќи
си ѝ се предал
на психата
егзотичното прелевање на смислата
сѐ додека не се претвориш во
прелив како таков
кога ќе се испреплетат значењата
едни со други
и ќе се испретурат во кошницата
на светогледот
а ти ќе тргнеш во потрага по
почетокот
кога ќе сфатиш -
Бизант е капија во темните агли на памтењето
цела епоха е втисната како анатолиска крпенка
во обичните зборови од твојот мајчин јазик
во интимата на јазикот
и се спровира низ капијата
кон одаите и спалните
дома
кајшто по извесно време
по извесна стварност
потеклото се заташкува
сродството се изобличува
јазикот има свои потреби
како и телото
сфаќаш и тонеш во без-сознание
зад јазикот, отаде
нека почека
ако те чека ...
Истанбул, декември 2003
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Дека сакам да ѝ навлегувам во интимата, во приватниот живот?
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Стојан Христов ја раскажува својата лична приказна со едноставност и интима, со понизност и со висока моќ на памтење, со исклучителна особеност и трогателност, нешта кои што на оваа книга ѝ даваат посебно значење и ѝ обезбедуваат високо место во современата автобиографија.”
„Невестата на доселеникот“
од Стојан Христов
(2010)