задув (м.)
Со нив ги лечеше сите болести; ги употребуваше за стомак, за срце, за глава, за жолтица, за кашлица, за задув, за несвестица, за прочистување, за жолчка, за глисти, за треска, за смирување, за мајасул, за приштови и други несреќи.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ги нашле, како кажуваше, Ибраим Ибраим, в зори или подоцна, по една спогодба на завојуваните за кус мир за кое време ќе се соберат мртвите и ранетите; подоцна, по некоја година, еден човек без нога, ќе се потпира на патерици и на слеп човек, катадневно да седат обајцата во чајџилницата на некој Тефик Рамо, човек со задув и срдечен кон секој кој што, дури и првпат, дошол кај него на чај или кафе.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
По многу години, стариот градител, веќе на патерици од пуста старост, дошол со задув кај царот.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Секоја божја квечерина
пројавуваш симптоми
на алергија:
прашина, минато
одминат живот
а каде без неа, кога сѐ е
всушност, прав и пепел
- од книгите до стварноста
па и тоа малку љубов
што го имаш
предизвикува
астматичен грч
психосоматски задув
а ни морето не е тука
да се прочистиш
од талогот!
Правта е овдешна вечност
- премин во метафизика.
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Неговиот задув се слушаше уште од градите. Беше страшно да се слуша тоа крцкање и потсвирнување што му пустошеше во дробовите и низ дишните органи.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)
- Бујрум, рече грнчарот со полна уста благост, но и со задув во дишењето.
„Црни овци“
од Катица Ќулавкова
(2012)