забере св.

забере (св.)

– „Ете како: откога влеговме в гемија во Солун, кога нѐ забра еден силен ветар, та кога ја спотераа талазите гемијата, една недела што ја носи силно морето и на неделата кога ја удри од едни спили, парче по парче се стори и за касметот мој ме исфрли на една штица морето на суво.
„Силјан штркот“ од Марко Цепенков (1900)
Гробник еден!... за него личело да се забере и да пее под пенџере. (Николаќи повторно пее под прозорецот): Сечи, моме руса коса, Сплети скала да се качам, Да ти влезам, море’ море, в одајчето, В одајчето шарено.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Обично се забираше со некоја тајфа ѕидари, ако беше тоа пролети, или пак со некоја група дуќанџии, есени, и пак заминуваше по светот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тогаш некогаш дојдоа и селските говеда, со кои оној акаше по планините, забирајќи ги од средсело уште веднаш по кревањето на росата и враќајќи ги во вечерите.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пак со сестра ми сакаш да се подбиваш! Потоа ме забра и со клоци.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Нивната извидница и стража предвреме нѐ откри и нѐ забраа со камења низ потокот.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Не знаеш кај ќе фати, што ќе забере, вели. - Кој рече дека идат луѓе, вели Доксим Тренчески, кај видовте луѓе?
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Ами, пат? - Не знам кој пат да го заберам, вели Мирче.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Чиј војник е, велат, чиј? - Не знам, велам, Србите го забраа.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Или ќе ги забереа пред пушка и ќе ги отераа во џандармериските станици во Алинци или Тополчани, или во Прилеп или во Битола, ќе ги држеа во тамошните затвори неколку дена, неколку недели или неколку месеци и кога ќе ги пуштеа да си дојдат дома, си доаѓаа посинети од ќотек и со искршени ребра, раце и колена.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Си го забрала сонот, што се вели, и за мене спие. 20.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Нѐ забраа вака, ко вие што ги терате овцине.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Конференцијата ќе се одржи во ,Баљшој театар" и јас и Оливера уште в зори се забравме да чекаме.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Италијанецот или се налути, или му се слоши, стана, тргна кон вратата и при тоа ги забра чашите и чинијата од масата, ги бувна на под и излезе надвор.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Ќе му се вовлече. Којзнае каква слободна девојка забрал.
„Омраза - длабоко“ од Драгица Најческа (1998)
Додека манастирскиот измеќар и некој од калуѓерите збутани до вреќите со погачи и до ќуповите со вино, викаа по него да легне долу, тој сѐ повеќе и повеќе се исправаше и го виде ројот дечишта забрани од јаничарите во заеднички синџир, а веднаш по нив и коњските газови, мазни и светливи како килими.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
„Ќе мислат, те забрале јаничарите” рече папуџијата откако размисли.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Одеднаш во салата влегоа неколку агенти и ги забраа сите мажи што се најдоа тука, длабоко зачитани, и кои како од пријатен сон преминаа нагло во оваа груба реалност.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)