добиче ср.

добиче (ср.)

Се почувствува слободен, одврзан, без нарилник, без самар пашито добитче, ждребе, јаре, теле. Не, не, нешто уште послободно: срнче, еленче, сокле кое не знае за никакво ропство ни ограничување; кое никој не може да го задржи кај што ќе сака да оди, по земја или по небо, преку планини, преку реки и мориња, на крајот на земјата и кога сака пак да си се врати во седелцето.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
На третиот пат невестата попушта, го обува едниот и по тоа другиот чевел и си ги брише солзите, оти ѝ ги врзале нозете во букагии, нема да биде веќе „пашито добиче“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Кога ќе му кладат самар на добитче, првниот товар дрва ќе го разделат „за здравје“ на комшиите, а кога првин ќе меси девојче буле, ќе го разделат исто за здравје, по комшиските деца.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Стоеја луѓето покрај своите добичиња и чекаа муштерии за нив очигледно загрижено дека ќе сврши пазарот, а стоката не се продава.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
А научив и по тоа што на тој ден дома беше вистинска збркотница: уште во рани зори стануваше мајка ми, нѐ будеше сестра ми, мене, дедо ми и почнуваше она што севезден го проколнував: ги тресевме постелите, ја менуваме сламата од сламарниците, се пентаревме на столови и со метла мавтавме по ќошињата кинејќи ја пајажината, роневме пченка и толчевме исушени пиперки, ги вадевме добичињата да се топлат на сонце во дворот, трчавме по кокошките за да ја фатиме онаа што носеше јајца во туѓа плевна и на која дедо ми уште одвечер ќе ѝ донесеше пресуда зборувајќи дека такви лиоти не би требало да се држат дома.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Многу ретко ќе се случеше волци да нападнат добиче или да се доближат до колибата.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Тодор ја познаваше кулата многу убаво. И тој, и другите селани, често идеа кај чорбаџи Сивета по разни причини: На стриг сите идеа да му пострижат на неговите две илјади и триста овци, за да му го платат мамелето за позајмените педесет сто гроша кога дошол авалеџијата, да не ги тера врзани во Витолишта; за Божиќ или Велигден — да си купат чевли или опинчиња за децата; некој позајмил пари да си купи добитче; и се знае ли на сиромав зошто не му притребале пари?
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
и тука, слично на овие птици, крештеле, врескале, пискале, југале, фаќале заскитани добичиња ноќе, ги молзеле, им ја пиеле крвта, играле оро околу нив земајќи им го умот, се пикале во оџаците и гнетеле крпи за да им чади на луѓето; тука луѓето сега, на тие трски и шевари, после секој погреб фрлаат од умрениот: кошула, чорапи, капа, антерија, риза, убрус, скутник, шалче, шамија - за покус, за да не повлече умрениот и друг по него од куќата;
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Двете добичиња, волот и кравата, се пикнале со главите под сенките, дремат и немаат волја за ништо: ниту јадат, ниту помрднуваат: гледаат сѐ во една иста точка пред себе до полудување.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Сѐ што се случува во селото: добро или лошо, се случува на него: преку него врват и свадби и свадбари, и погреби и музики, и арамии и војски, по него во селото доаѓа една власт а си заминува друга, по него се испраќаат и пречекуваат луѓето за војници, печалбарите по светот; на него седнуваат старци и старици да се топлат на сонцето, на него везилките од селото се собираат да везат и пеат; на него се читаат наредбите на власта, по него се тркалаат бочви за да киснат во езерото; крај него се садат муренкови стебла за сенки; на него говедарот го собира добитокот за пасење; којшто ќе дојде од градот или околните места да купува и продава, на него купува и продава; тесните сокаци: одат кај ќе им текне; се кршат, се извиваат, се провираат меѓу куќите, кружат и пак одново се враќаат и излегуваат на широкиот пат крај езерото; по отпадоците што се фрлаат на нив, се знае која куќа што готви за јадење која што заклала; која бара заскитан добиток или деца, во која се веселат, а во која водат војна; по тие сокачиња, ако си невнимателен, можеш да се чукнеш во столче, во синија, во каца, во кош, во тезгере, да се слизнеш на лушпа од тиква, од лубеница, од лепешка; да цапнеш во бразда што одненадеж ти излегла, да се сретнеш со натоварено добиче со кое не ќе можеш да се разминеш; да ти лавне одненадеж од некоја порта куче, да те запраша некој кој си и кај одиш, да те викне некој што започнал сам во дворот да пие; низ нив и зиме и лете струјка ветер од езерото и шишти како низ тутурка, како низ оџак; галеб кога ќе се најде во нив, креска како да се загубил; боите на куќите: сината: луѓе вљубени во езерото, во мирнотијата, во спокојот; мудри, темелити, неизбрзливи во ништо, сигурни во она што го прават и говорат, верни на она што го преземаат или ќе го наумат; добри, предобри, душицата како на дланка да им се гледа; засакаат ли нешто - се врзуваат за него трајно и за век, како што се врзуваат земјата и историјата; зелената: скитници; непостојани во сѐ: во потфатите, во работата, во мислите, во духот, во зборот; она што го започнале денеска да го кажуваат, ќе го завршат вечер, утре, или никогаш; не држат многу за ред, за збор: зборуваат за работи што не им се доволно јасни, одговараат на прашања пред убаво да размислат, решаваат пред да бидат наполно сигурни; слобода и ширина имаат во сè; жените со рулче на раце или на босици седат на прагот; децата им мочаат кај им е ќеф, седат на прагот или скитаат по сокаци; очите им играат како во масло.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Од што им беа убави гласовите на билките од што им беше жална молитвата добиче стиснато до ѕидот со испружен јазик хули на бога и фрла копита кон небесата.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
Кога навикнавме на таа едноличност, на тоа сивило, вторникот во бавчата се раздени добиче што тонеше в земи, слепи близначиња шетаа по дворовите и пееја, и така, Ноќта ми се пристори некоја небесна тишина во која не се слушаше ништо освен оној вечен звук на земјата дури се врти.
„Љубопис“ од Анте Поповски (1980)
И глас некој оддалеку ми иде низ градините како пискот по изгубено добиче како лелек по загубено дете како драга што доаѓа да помине по предели и спомени.
„Липа“ од Матеја Матевски (1980)
Со едната рака ги водат добичињата, со другата се бранат од сонцето. Си го покриваат тилот и темето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Се удирам во нешто, ама не знам што е. Човек ли е, дрво ли е, добиче ли е? А пука и земјата и небото.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Ја гледал, ја меркал откришум кога врвела низ селото, одел зад неа, одел отстрана, го гледал секој дел на нејзиното тело, ја вагал со очите како купувач кога купува добиче и се двоумел.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Збогувајќи се со мажите Јанчески главите на сојовите од женската одаја си ги собираат домаќинките и заедно со нив преку тремот (од горниот крај на пондилата, врзани за јаслите дремат над нив неколку добичина, разделен е со куќното огниште над кое, прикрепени за гредите, висат камушки, а на нив, во секое време на денот и ноќта и откога се паметува котел со топла вода) и низ Мала врата излегуваат направо на срецело, ги дочекува зрачна вечерна зора.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Човекот- ѕвер бил поитар од животните. Еднаш, ноќе, влечен од алчност, зад гробиштата на селото тој убил свое чукаре и веднаш ја нурнал муцката во пресните дробови на добичето, на тој црн ангел за утрешни ораници.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Видливо поистоштените останале да спијат по слабата вечера кој каде, во своите двоколки или во некоја плевна, или пред штала во која добичињата си ги плеткале роговите над грст сено, половината отишле со Онисифоровците да ја пребаруваат шумата над селото, за стражари биле определени Лазар Аргиров, Јован-Стојче Столетников, Никола Влашки и Арсо Арнаутче.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
1 ... И така се налути Онисифор Мечкојад и ја остави дружината под сенката на манастирот а ние што останавме седнавме околу огновите да печеме парчиња месо од закланото добиче на кутриот Дмитар-Пејко.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Повеќе