глето (ср.)
Мостовите ги градевме со делкан камен; и сега во ушиве уште ми одѕвонува глетото и чеканот кој милиони и милиони пати ќе чукнеше додека еден мост направевме; еве и прстиве од левата рака ми останаа манливи, ми останаа собрани од држење на глетото.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Го качија на коњ и го однесоа в град кај казанџиите; тие со триста маки, со разни ножици и глета, му го извадија котлето и му ја ослободија главата.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
„Има луѓе што умираат праведни, има луѓе што умираат грешни”, им велеше попот: ”на праведните смртта им се јавува весела, а на грешните намуртена, страшна, лоша; луѓето се страшат од неа и затоа пред умирачката си го покриваат лицето со покривка за да не ја гледаат; смртта е како некој мајстор; турли-турли алати има: тесла, пила, секира, глето, клешти, сврдел, копан, затегач, турпија, скоби и многу други алати; најпрвин ќе зафати болниот од прстите да го разглобува со сите тие чешити алати: оди од зглоб до зглоб, и откако ќе го разглоби, почнува жилите да му ги сече, и најпосле ќе почне со секира да го мава по тилот додека не му ја земе душата; кога ќе му ја земе душата - ја носи право кај бога на поклонение, а потоа, еден ангел ќе ја шета душата открај-накрај на небото и открај-накрај на земјата за да ги види сите убавини; ќе ја носи по сите места каде што шетал човекот додека бил жив и ќе му покажува ангелот сѐ што чинел: добро или лошо; на четириесеттите дни ќе го врати човекот кај гробот и ќе му ја покаже мршата негова кај што лежела внатре; по четириесеттите дни, пак ангелот душата ја носи кај бога, и тогаш господ ќе му заповеда на ангелот да ја носи душата во рајот или пеколот; ете, затоа треба на умрените до четириесетте дни да им се пее на гробот и да им се носи задушница; со тие добрини може господ да се смилостиви и да им ги прости гревовите: зашто до четириесетте дни душата не му е пресудена на човека”.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
V Танаил каменоделкачот, работејќи долги години на својот занает, ги познаваше камењата во детали, на секој камен што го обработуваше му ја знаеше душата; ќе го пофатеше, ќе го испревртеше со рацете или со лостот, ќе го потчукнеше со чеканот неколку пати од сите страни, како железничарот што ги проверува тркалата на возот дали се пукнати, и ќе узнаеше какво му е срцето: здраво или не; ќе му биде ли верен до крајот на обработката или ќе му откаже на полпат; ретко му се случуваше да се излаже, да го делка некој камен, да го дотерува, да го обликува со денови, со недели, а често и со месеци - и на крајот да му пукне, да му расипе сѐ; а кога ќе му се случеше понекогаш тоа, - Танаил го фрлаше чеканот и глетото и налутено седнуваше крај каменот, неверувајќи дека навистина му откажал, распукал; врвеше со прстот преку пукнатината како преку рана, како преку болка; стоеше така долго време загледан во пукнатината и сиот ифрит, јад, не земаше веднаш друг камен да работи; ќе испушеше цигара, ќе се напиеше чашка-две ракија, и откако ќе му поминеше маката и лутината, започнуваше да одбира друг камен вртејќи го долго време пред да го направи првиот удар со чеканот и глетото на него.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Отрча во каменоломот, грабна еден камен, и како што Танаил беше наведнат и чукаше до чеканот и глетото на бистата што си ја довршуваше, го удри по главата.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
По ударите и по одзвонувањата на алатите што ги употребуваше, шилести и сечевни глета, челични чивии „пунчиња“, запчести и рамни чекани, шкартели, шпренгли, скоби и други алати - знаеше дали е на добар пат или не, дали да запре на време и да не арчи попусто мака и труд.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
И покрај сета бесмртност
трошка леб молам
('Лебот се гледа со очи!')
еден добар, една добра, едно добро
за душа
на оној кој ја презира златната средина
оној кој се чувствува удобно
во сопствената природа
и лебди леко, глатко глето
клепка врз клепка - лебедова свила
по рабовите на смртното
случајно жив
фанатично осамен
благодарение на предрасудите за природното
и вештата заблуда
дека живее во заедница
а не сам, самотен!“
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Како да замижеш пред оваа глетка
- глето - глина - глодар
спружена гледливо и пожелно
на небето, под јазикот
небаре вино лежено
во визбите на вечноста!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Камењата, море Трајко, под твојот чекан и глето ќе добијат сјај и облик - куќа што ќе се вика, а во неа живот, љубов... радоста ќе се вглезди, дечки ќе се растрчаат... ех!
„Големата удолница“
од Петре Наковски
(2014)