генеза ж.

генеза (ж.)

Но неговиот конфликт со Отоманското царство имаше длабока генеза.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Наместо фактите да им се подвргнуваат на идеалните норми, тој покажува дека и самите тие норми имаат одредена генеза и контекст, накратко - дека и тие не се ништо друго отколку факти.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Проникнат во универзалната генеза на јаничарството и неговите погубни механизми за иденти­те­тот на човекот, Татко стравуваше семоќниот Сталин да не стаса со Црвената армија до нас и книгите.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Проблемот на генезата на алфабетските системи писмо треба да се разгледува врз широката заднина на филогенетскиот развој на писмото како такво и оформувањето на конкретно алфабетските писма од претходниот, старосемитски консонантно-силабички систем на писмо.
„МАРГИНА бр. 37“ (1997)
Настојуваше да го разбере неговиот гест, не само како индивидуален чин на храброст туку да ја согледа неговата генеза во еден поширок човечки и општествен контекст.
„Тврдина од пепел“ од Луан Старова (2002)
Сакаше да ѝ зборувам за генезата на албанско-македонскиот конфликт во Македонија како закана за мирот во земјата и во регионот, закана за албанско-македонскиот соживот во кој истрајуваше моето семејство.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Многу време помина во разјаснувањето на поимот јаничар (кој етимолошки според турскиот збор значеше - нова војска), чија генеза на постоење под други имиња но со иста логика за употреба на војската (со кастриран идентитет) за да се овековечи владеењето на империјата, им беше позната уште на првите империи во Европа.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Во присет ми идат зборовите на Емил Сјоран од силогизмите на горчината: Сите клевети- револуции, војни, прогонства имаат иста генеза запишана на едно знаме! И ние се готвевме за некој поход.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Не без заедничка генеза, можеби во страдањето и љубовта, коренот на зборот Мајка е ист во сите јазици на светот.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
Тие имаат вредност за утврдување на тематската генеза, на општата наклонетост на предвоената македонска литература за национален, културен и интелектуален идентитет.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Јас ќе бидам принцеза! највредната сум пчелка, од мојата генеза. Не, не, не, извикаа дечињата...
„Поетски блесок“ од Олга Наумовска (2013)
Камилски почувствува дека разговорот оди видливо на негов терен, на подрачјето на кое се чувствуваше најинформиран, а беше во дослух со генезата на балканското јаничарство, па се надоврза на размислите на Татко: За да се ослободиме од духот на јаничаризмот на Балканот и за да ги спасиме идните генерации, посебно нашите деца, ние треба да ја разбереме неговата генеза, но затоа ќе ни бидат потребни многу време, многу книги.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Оваа појава тешко можеше да се објасни, освен со култната поврзаност на луѓето кон овие зборови кои не сакаа да ги менуваат, покажувајќи одбивност кон латинската генеза на зборовите.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Татко најмалку очекуваше дека оваа турска неодредена заменка, од арапско потекло (на турски falan, на арапски fulan), но набргу, откако Камилски реферира за нејзината генеза и значење (некој, тој и тој) и посебно за фактот што големиот француски славист Андре Мазон ја анализирал и ѝ посветил посебно место во своите Документи, познати како Словенски прикаски и песни од Југозападна Македонија (1923), забележани за време на Првата светска војна, кога како резервен офицер на француската Источна армија, со други илјадници француски резервни офицери, голем број интелектуалци од најразлични професии, ќе се најде на Балканот, посебно во Македонија и во Албанија.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)