виѓава несв.

виѓава (несв.)

Мече дури тогаш се присети дека меѓу ископаните купишта земја крај каналот и на реката, виѓаваше многу корења испреплеткани во чуден сплет.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
Во него го виѓаваше крајот на светот. - Потоп и крај.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
- Зошто го отру? Тапо гледаше во мене со искокорени очи како да виѓава на мене нешто од кое се плашат малите деца.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Гледаше и не се чудеше што не виѓава. Како слеп, мислеше. Не, не, сега, се исправи.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Не знаат но виѓаваат: на паднатиот Тони долната вилица му се откачува и морничаво закрцкува под топукот на еден од нив двајца.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Мора така - не виѓава. Кривите редови на буквите се леат со хартијата, хартијата со воденичкиот камен.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
ЛУКОВ: А подоцна, подоцна, кога потпораснавте... сте се виѓавале ли со него?
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Ми се чини дека еднаш - и тоа категорички - Ви забранив да се виѓавате со Вашата сосетка? Уште повеќе да ја примате - овде!
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
МЛАДИЧОТ: Го виѓавате ли Вие често? Мислам, Ѓорчета.
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Сега знам: тоа тогаш беше пустинска фатаморгана, виѓаваш нешто што го нема!
„Сенката на Карамба Барамба“ од Славко Јаневски (1967)
Минувајќи низ тој критериум она што некогаш се слушало, што се разбирало и сознавало, останало во сеќавањата и како готов јазичен материјал но, како што бидува со сите спомени од детството, станало амалгам, надополнет со сетнешни искуства, со нови сознанија и виѓавања.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Во тие денови не едно од децата туку ќе се штрекне среде ноќ, туку ќе скокне од креветот, зар мислите се виѓаваше во каква жалосна состојба се наоѓа, - просто го тера нешто и тој летајќи излегува од спалната. Птица.
„Големата вода“ од Живко Чинго (1984)
Останавме стрештени. Јас бев најнеутешен, оти во мигот кога Филозофот излегуваше од одајата, видов дека веќе не виѓавам: облакот светлина околу отец Кирил Филозоф го немаше.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Се качував, полека, скала по скала, и кога ќе дојдев до највисоката греда, ја ставав раката над очите и гледав кон креветот, но секогаш скалата божем ќе се занишаше и јас јурнав надолу, од другата страна на скалата; потем повторно се качував, повторно гледав, но повторно нозете ми јурнуваа надолу, и ништо не виѓавав.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Писмородецот рече дека такво нешто во текстот нема, дека не е запишано, а јас видов дека тој не ја гледа таа нишка од пајажината, и дека ја гледа само онаа најдебелата, и дека не дозволува некој друг да гледа нешто што тој не виѓава.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Самуел погледнува кон нив, но не ги виѓава.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
И би час - сме се здружиле и сме се загледале очи в очи - како на она прво виѓавање над кладенчето-бигорно...
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
До свиокот одзад карпата само двапати се свртеа - за уште две виѓавања.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Очи в очи се погледнале. Срцата им затупкале. Од првно виѓавање се заљубиле.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)