вдахновен прид.
вдахновение ср.

вдахновен (прид.)

Блажени да се твоите свети нозе со кои ги обиколи како сонце сиот свет проповедувајќи од Бога вдахновена наука.
„Пофалба на нашиот татко и учител словенски Кирил Филозоф“ од Климент Охридски (1754)
Влегоа во црквата и игуменот задоволен што покажуваат интерес, почна да им ги покажува фреските; ликовите, сцените, композициите исликани од даровитата рака на вдахновениот мајстор Трпо зографот; извонредниот лик на Христос Седржател на параклисот со Божествената литургија во која учествуваат и ангели, носејќи свеќи, кадилници и рипиди; потоа фреската на Богородица која го држи малиот Христос в скут и ги шири рацете спасувајќи го небесното и земното царство; фреската на св.Козма Поет, старец со долга бела коса и брада, со свиток во раката воспевајќи ја мудроста на книгата, духот на творецот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Неколкумина млади, образовани, крајно сензибилни сликари, вдахновени со антикласицистичко самоволие, бараат нов стил.
„МАРГИНА бр. 22“ (1995)
Но Евангелието, нежното и вдахновено, единственото точно христијанско учење за сочувството, за љубовта, за тоа дека на светот нема среќа - тоа требаше да им се остави на децата по училиштата и на возрасните по факултетите на култура. А тој ги затвори црквите.
„МАРГИНА бр. 29-31“ (1996)
Вдахновен (чувство кое одамна и со таква силина го немаше обземено), зеде да направи скулптура по која ќе го паметат сите и со која, поверува, трајно и достојно ќе влезе во историјата на уметноста.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Вдаховено, без запирка зборуваше Арето и го вознемируваше пламенот од газиената ламба висната на таванот.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
Подоцна во ноќта Лит и Беренц, покрај чаша вино што ја испиваа во канцеларијата на командантот, се исчудуваа од каде на ова копно заборавено од модерната цивилизација, каде што луѓето живеат едноставен живот близок до природата, без малку како желките од ендемскиот вид царетта -царетта, постои, ете, и човек што толку добро говори германски и толку вдахновено говори за теми од музиката, философијата и теологијата, со стил од салоните на Хајделберг, а не од скромна митрополитска резиденција на еден речиси заборавен јонски остров.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Здив Ух, ухни, воздивни, гукни, така се раѓа Зборот кога влегуваш во телото на новороденчето со првиот плач, единствениот на којшто му се радуваме - па те нарекуваме Живот кога се враќаш онаму кајшто човечка нога не стапнува - па те нарекуваме Душа напатена како вечност кога копнееш, до последен здив по белата пена во којашто се топиш од сласт, и исчезнуваш Ух, ухни вдахновено, така се раѓа Песната!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Таа вкочането гледаше во неа со вдахновена длабина и јакост, така што во главата ѝ светна помислата дека, и покрај сѐ, змијата може да е вистинска и дека е подобро да побегне.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Кога зборуваше, зборовите му беа толку интересни, толку многу проткаени со вистинска страст, остроумни, промислени, страшно духовити, поразителни за противниците, вдахновени за пријателите, премногу добро умееше да зборува за сѐ што воопшто би можеле да помислите дека ќе...! А тој сепак ќе го стореше тоа.
„Црни овци“ од Катица Ќулавкова (2012)
Молежлива, блиска, маѓепсничка и волшебна, умилна, заносна и ожална, ту гласна ем тивка, мека и смирувачка, страстна и вдахновена, побожна и трогателна, заводлива и нежна, радосна и слатка, ветувачка и измамничка, се разлева по ливадата песната на штурците, го преполнува воздухот, проникнува под секоја тревка, прекинува колку за да присобере здив и одново се разлева, одекнува, тече, се шири, се издигнува и лета и постојано без прекин и престан моли: - дојди - дојди - дојди...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)