босилок м.

босилок (м.)

Видов, ја видов в горнана мала, Босилок садеше, карамфил прашеше.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Подај ми китка, китка босилок, Китка босилок, гранка карамфил!
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Ој ти, девојче, лично девојче, Подај ми китка, китка босилок.
„Парите се отепувачка“ од Ристо Крле (1938)
Така тој ги викаше: книгата, петрафилот, крстот и китката од босилок што беа секогаш во торбата, и ајде — долу сред село за в црква.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Ќе се зберат старички во црковниот двор, мислеше тогаш, густо ќе се зберат со босилок в раце, со шепот на усни, со црни прекривки на темето.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
- Како и дедо ми: ако треба за стомак, вари: коњски босилок, суви дренки, шипинки, лисја од коприви, пелин...
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Наеднаш нешто ме возбуди и ме расцепи во градиве: на вратата се покажа жена му на клисарот со босилок и јаболка в рака.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Луѓето, гледајќи ја, шепотеа: „Навистина жената била како босиљок - што повеќе ја триеш, повеќе мириса...“
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
„Јазикот да си го каснеш!” ѝ велеше тој, и секое утро, уште пред да се разбуди таа, Полин излегуваше од дома и шеташе по сите околни места и собираше разни лековити тревки и билки: матарка, лопушка, кофил, калуѓерче, русе, златарка, прешлика, штрково цвеќе, напрсточе, млечарка, кострика, лишарка, кадифче, коњски босилок, чочорка, цволика, кикара, вратика, жалфија, калофер, добричица, царево око, иванчица, вртолумче, лобода, пчелинок, кукавичица, курвиче и др.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Од земја ние имавме едни урупчиња по селото во кои садевме по некоја пиперка и по некој домат, трошка празе и граше и босилок и џинџуле колку да се најде за на мртовец и девојките да стават на плачките на благ ден.
„Крстот камбаната знамето“ од Мето Јовановски (1990)
Некои одеа првин кај мртовецот, му изразуваа сочувство на Танаил и ѝ палеа свеќа на мајка му; ѝ ставаа овоштие, локум и босилок на ковчегот, поседуваа крај неа и издишувајќи од жал, подречуваа нешто за кутрата старичка како се мачела како вдовица да го гледа и одрасне Танаила; и сега кога треба да проживее во полна куќа луѓе, таа си умира, си оди од овој свет; подречуваа нешто и за нејзината кротка, блага душа која на сите во селото, и роднинина и нероднина, само убави зборови им велеше, и која ни на живинче не му свикала, лош збор не му рекла; ќе сронеа по некоја солза, ќе поплачеа, и ќе си заминеа дома; ќе се измиеја на чешмата средсело или езерото, ќе го соблечеа црното руво, ќе облечеа други алишта, и одеа кај Китан на свадбата, на веселбата.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Се ослободи од непотребните работи во куќата: од разните шишиња што ги најде во долапот затворени со тапа или со кочанки, полни или полупразни со разните течности: масло, газија, крстена вода со босилок внатре, недопиена ракија или вино, лекови од тревки, варова вода и друго - ги исфрли надвор ослободувајќи ги од нив заробените мириси.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
На четириесеттиот ден од смртта на баба Ристосија, змијата со цветот во уста, исчезнала во студениот простор на црквата, среде мирот и босилокот, покрај иконите.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
„Јас ја паметам како исушено стракче босилок или како редок глас на моме во тело на повената жена.“
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)
И, додека гледам како под фолии насадил цели леи вртипоп, нане, босилок, мајчина душичка, тој ми покажува дека има и сушилница за билките, горд на производството и на погонот за пакување: маса на која една жена од ѓутуре ги меша сувите растенија, ги мери на кујнска вага, ги пакува во теглички и им лепи декларации.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Со здравата рака Циљка ја фати стврдната дланка на мајка си, ја принесе до усните, нежно ја бакна неколкупати и со насмевка полна тага, се потсети на нешто многу блиско, сакано и драго: - Мајко - рече тивко, гледајќи ја в очи - порано секогаш дланките ти мирисаа на топла погача и леб, на млеко и сирење, на сено и пченица, на зрело јаболко и печена круша, на вино и на мед, на џунџуле и босилок, на свежа ораница и на пепел од нашето огниште и од фурната.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Босилокот и невенчињата се исушени. Ама џунџулето - како жарка цути.
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)
Од под нејзините стреа засекогаш одлетаа ластовиците и ветерот презаситен со чад, далеку го однесе мирисот на џунџулето и босилокот што толку многу ги имаше во дворот... Пусто... Запустено...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)