безуспешен (прид.)
Налутен, Мече се сврте со грб накај него, обидувајќи се безуспешно да заспие.
„Бегалци“
од Јован Бошковски
(1949)
Левиот мазен образ одвреме-навреме му се грчеше; изгледаше дека безуслешно се обидува да се насмее. Очигледно го жалеше старецот.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Во полупразната чаша, во која светка верверичкото вино, бубачката плива и безуспешно се обидува да се искачи по проѕирното стакло.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Старицата се напрегнува да му го согледа лицето. Безуспешно.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Изгледаше дека главата го влече кон облаците безуспешно тргајќи се од јакиот жилав врат.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Во очај, по безуспешното лекување на оџите и бајачките, кришум, по првиот мрак, бил повикан еднаш и попот Вртипоп, поточно бил извлечен пијан од туѓа плевна од двајца слуги на бегот кои сепак можеле да видат во сувата слама две недоволно сокриени женски нозе.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Се правеа потери: се опколуваа и пребаруваа сите места во селото и околу него, се правеа проверки и во другите села, упаѓаа џандарите ненадејно во куќите, плевните, кошарите, бачилата, пештерите, се пребаруваше секое делче каде што се претпоставуваше дека Анко се крие, но безуспешно.
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Тој значи, Германецот, безуспешно ѝ се додворувал на некоја девојка која секоја вечер седела на балконот, плетела чорапи и уживала во убавиот поглед на езерото.
„МАРГИНА бр. 8-9“
(1994)
Повеќето од тамошните типови беа кул - и освен вообичаените шеги и хистеричната насмевка ништо не се случуваше - но Ингрид Суперстар постојано одеше пред огледалото, го прекриваше лицето со рацете и почнуваше да халуцинира, и тогаш потполно откачуваше и почнуваше да плаче и да зборува „толку сум грозна”, и тогаш сите ги вадеа своите курови и зборуваа од стомак, за да изгледа дека не зборуваат тие туку знааете веќе кој, и тогаш ја тераа да зборува со „нив” - тоа секогаш ѝ го поправаше расположението - но тоа ѝ го привлекуваше вниманието само неколку моменти и тогаш мораа да смислуваат нешто ново - изгледаа како куп очајни бебиситери кои безуспешно се обидуваа да го утешат расплаканото дете.
„МАРГИНА бр. 15-16“
(1995)
Се обидуваше на разни начини, но безуспешно, да лансира Гробни-Љубовни Гнезда со Ковчези-За-Двајца, да го монополизира пазарот за презервативи при недостатокот на гума, да води една дописна јавна куќа со поштенски налози за ебачини, да издава пеницилин со патентиран таен состав.
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
Затоа неговата потрага беше безуспешна.
„МАРГИНА бр. 29-31“
(1996)
Тој седеше зјапајќи во мраморната шарка на корицата од тетратката, обидувајќи се безуспешно да го исклучи гласот од свеста.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Сите овие години во циркусот се обидував да направам копија, да се сетам на сите стихови од песните, но тоа беа безуспешни обиди; постојано, всушност јас пишував нешто ново, нешто додавав, некаде пак одземав, оти не можев да се сетам на сите тие нешта; и конечно, се откажав од таа целосно бесполезна и луда работа: создавање копии сосема верни на оригиналот).
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
Имав седумнаесет години, Луција исто така; одев со неа во трети клас и зад себе имав речиси три години безуспешно додворување; седеше токму пред мене.
„Папокот на светот“
од Венко Андоновски
(2000)
На 3 јуни повторно бил направен безуспешен обид да се премине реката Вардар и да се воспостави контакт со втора бригада за која се знаело дека се наоѓа во таа област.
„Британските воени мисии во Македонија (1942-1945)“
од Тодор Чепреганов
(2001)
Силно „граак“ на острогледната гуска ги растера неколкуте ситни сиви патки во безуспешниот обид да ѝ се придружат.
„Човекот со четири часовници“
од Александар Прокопиев
(2003)
А богами, супериорен беше во однос на на многумина, особено на оние што ѝ кумуваа на кризата – патриотите и спасителите, кои сега безуспешно нудеа спас преку воведување воена состојба. Целосен хаос...
„На пат кон Дамаск“
од Елизабета Баковска
(2006)
Би сакал сега да ѝ кажам колку е глупаво нејзиното суеверие, но таа умре истата вечер кога безуспешно се обидов да го скршам огледалото.
„Азбука и залутани записи“
од Иван Шопов
(2010)
Компјутерот се преврте и започна да стенка. Безуспешно откорнував кабел. „Просечен стандард“ – мелеше кутијата.
„Ниска латентна револуција“
од Фросина Наумовска
(2010)
Но, овие обиди завршуваат безуспешно – по што кризата на ова претпријатие се продлабочува, а со тоа и агонијата на тамошните вработени чијашто егзистенција, нивна и на членовите на нивните потесни семејства кои ги издржуваат, е доведена во прашање.
„Работни спорови - Позитивни примери од судската пракса“
од Димитар Апасиев
(2011)