барабар (прил.)
и што бех на христиани добро учинила, и кој зло ми чинеше ја не му се љутех и трпех сѐ што ми чинеха лошо, и некои што беха у жалби и неволи — и јас плачех и жалех со них барабар, или некого от греховни работи отвратих, или си задржих јазик от клетви и л’жи и от праздни зборови, — сите мои добри работи видох ги како днеска учинени и се зарадувах.
„Избор“
од Јоаким Крчовски
(1814)
Дедо му на Ибраим Ибраим, меѓу своите познат како Кара-Демир, се висхитил од долгоногиот распон, зошто му се сторило дека тој иноверник е готов да загине за султанијата па го стасал и трчал со него барабар, воинствено ревејќи сѐ додека на чекор од нив не бапнала граната.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Бате Јоле, расплакан, клекна крај неа преграбувајќи ја со левата рака и ставајќи ѝ ја дланката на нејзиното лево обравче, а од другата страна ѝ го навали образот и така милувајќи ја и гушкајќи ја, плачеше барабар со неа.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
Бевме седум ученици: на прво место Љакето, тој што кркна тресеница од татка си на свети Никола; Нешко на Мија Метелов од Долно Маало, Ноаче на Дамјана Вржов – се сторија три, па Моне на Тасета Ќутурко- четири, па јас и бате Николче наш (после ќе видите што унер беше со бате Јолета наш) и седма беше Ѕвезда, чупиштето на Павлета Ќорвезирот, како што ја викаа зашто таа само со нас машките се дружеше и наместо да игра со крпчиња и игли, таа барабар со нас делкаше пушки и јатагани.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
- Дедо попот во меѓувреме си јадеше барабар со Килета.
„Крстот камбаната знамето“
од Мето Јовановски
(1990)
А Живко, кој пиеше и јадеше барабар со татка си, се прибираше во себе, смислувајќи ја во главата ако веќе не му беше запишана во тетратката, својата нова приказна така испроверена до вистинитост во измислената Пасквелија.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
И така Дуде растеше од Груда до Горда, додека слободата слегуваше од планините до градовите, прво во опинци па во цокули па во чевли, а сирењето што им беше и појадок и ручек и вечера сега го немаше ни за лек, додека се подавија во пипер и патлиџан, барабар во краставици со сите кривини, а девојчињата што ги израснаа крутите селски здолништа немаа со што да си ги покријат пожолтените гаќички па навлекуваа куси панталони од постарите браќа и ги префаќаа нивните кражби по соседските овошки.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Мнозина од вас знаат дека нема метро со кое да се измери височината на татковската гордост од првороденецот која расте и ден-денес барабар со нашата загриженост за економската криза и општите состојби.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
- Добро, де! Зар јас не работев барабар со нив.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Барабар со татко ѝ Никодин ги празнеше чашките и тегнеше од тутунот.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Секоја вечер под дискретната светлина на електричните фенери сѐ поубаво се гледа дека луѓето сѐ помалку гледаат слики и фрески, а сѐ повеќе висат пред огледала, поради што сѐ повеќе и расте бројот на огледалата во Венеција, барабар со бројот на самобендисаните.
„Светилничар“
од Ристо Лазаров
(2013)
Одеше барабар со нејзината меланхолија.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)
Позната е на пример синтагмата од турцизмите и башка и барабар, со значење дека не е добро, ниту прифатливо еден народ да живее изолирано (башка) од другите народи, ниту под преголемо влијание од другите што би водело до асимилација.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)
Може да се рече дека синтагмата и башка и барабар, изразувајќи ја состојбата на златна средина, односно чувство за мера, умереност, воздржаност, претставува цивилизациски модел како да се сочуваат зачуваат традиционалните вредности на својот народ, но и да се споделат како заеднички со сите етнички и верски заедници на времето.
„Балканвавилонци“
од Луан Старова
(2014)