амам м.
амамџија м.

амам (м.)

Вечер да одиш на амам, да се истриеш.
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
СПИРО: Ќе одам на амам, чорбаџи... А ти... ќе одиш на лозје?...
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Сепак, не е толку лошо: можам да пишувам, крепејќи се од време на време со чајот и погледот на амамот.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Пишувам уште една приказна, или писмо, за љубовта. За мене, набрекнато кубе на Даут-пашиниот амам го преполнува речиси целиот прозорец.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Леси се случува како и сите видливи појави: арапскиот ресторан на четвртиот кат во испразнетата зграда, голтките топол пијалак од шарената шолја извалканиот кафеански чаршаф, онаа жена во кафеаво палто и со долг бел шал врз него, која го припила до себе своето дете сред уличниот метеж, тркалезната купола на амамот, запрено во мигот пред тресок.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
На плоштадот, под дивиот костен, на влезот во уличката кон Главната пошта и амамот, чистачот на чевли Кадрија, откако ги напика кај глуждовите картончињата за да ми ги заштити од боја чорапите, ја крена кон мене шеретската насмевка.
„Летот на Загорка Пеперутката“ од Србо Ивановски (2005)
Тој, „штедриот и милостивиот Мустафа-бег”, како што стоеше во документот, „пред светлото и чисто шеријатско заседание, го изведе тужениот брат Иса-бег, гордоста меѓу заповедниците, сопственикот на големи знаења, мајданот на милоста, гордоста на државата и верата, и против него кажа дека целата задужбина, имаретот и медресата, и двата амама, селаните и книгите, зградите, нивите и бавчите, дуќаните, и сето друго - нему и на неговите браќа Иса-бег и Паша-бег им останало како заедничко наследство”.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Петре, ибн Бајко, иако манастирот беше, што се вели, не само близу туку поблизу и од трепката до окото, веднаш спроти Скопје, над реката Серава, а на ридот што се вика Вергин, одвај дочека да го пратат на панаѓурот со манастирските чоеци, па да слезе во градот како што тој милее, да слезе и да го разгледа градот што ти имал сто и дваесет чешми и сто и дваесет џамии, над четириесет меани и маала, себил анои и амами, за кои беше многу слушал.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Кога го избања во амамот и кога му ги виде приштовите под мишки, и уште кога овој не кажувајќи ни три чисти му се прикажа како нетокму, Марко веднаш побрза да ја оттурне помислата дека Мехмед-паша нарочно, поради некаква скриена одмазда, му го дал овој недугавко.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Потоа тука е амамот во кој таа го капе братот...
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Од едната страна екранот, мароканската жега, пареата на амамот, а од другата страна здивот на Симона некаде на околу едно метро в косо поназад од мене.
„Братот“ од Димитар Башевски (2007)
Амам: промена на смислата Не кога ќе влезеш и кога ќе те заплисне врел и непроѕирен воздух не кога ќе те поклопат капките разлеани по ѕидовите реата, мермерот, мрморењето не кога ќе те обземе вртоглавица зашеметеност од празнината на амамот, полна пот, плот и пареа не кога ќе те погоди како отсјај во сон светлината подадена низ розетата дозирано, од високо не додека студеното сонце-иње од карши ги облагородува дрвјата, релјефите, порталите, фасадите на сараите туку кога ќе потонеш гола во гротлото ко крвава рожба во исцедокот од водолијата тукушто прсната, за да може да се слизне низ пенџерето на животот (на)право во царството на немилосрдноста кога збунетото тело ќе помисли дека секое друго место е подобро ама ќе остане и понатаму - таму без да се помести кога ќе ја осетиш жешката вода како оддалечување од секојдневието, од агонијата на распадот (целото е мислена именка, далечно минато) кога ќе се престориш течен заборав божји благослов и ќе му се предадеш на телото мислејќи си ѝ се предал на психата егзотичното прелевање на смислата сѐ додека не се претвориш во прелив како таков кога ќе се испреплетат значењата едни со други и ќе се испретурат во кошницата на светогледот а ти ќе тргнеш во потрага по почетокот кога ќе сфатиш - Бизант е капија во темните агли на памтењето цела епоха е втисната како анатолиска крпенка во обичните зборови од твојот мајчин јазик во интимата на јазикот и се спровира низ капијата кон одаите и спалните дома кајшто по извесно време по извесна стварност потеклото се заташкува сродството се изобличува јазикот има свои потреби како и телото сфаќаш и тонеш во без-сознание зад јазикот, отаде нека почека ако те чека ... Истанбул, декември 2003
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Во право си, пријателе Камилски, Книгата на патувањата на Челебија ни го враќа од митската меморија на Скопје изгубениот XVII век, ни ја опишува истава чаршија низ која чекориме, маалата кои опстанале во остатоци, тврдината Кале, Безистенот, Камениот мост, џамиите, амамите, приспособени на денешни потреби...
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Запре уште на зборовите, кои можеа да имаат привлечно и провокативно значење како: тас, поголем или помал сад во зависност од намената, за црпење вода, за капење во амам, дел од вага и друго (од арапски tas); ѓезве, специјален мал сад за варење кафе, обично со количина за една чашка кафе, но постоеле и поголеми ѓезвиња.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)