алва ж.

алва (ж.)

Од слеп сиромав, манастирски ѓак, се најаде првин леб, со лебот побара сиренце, мавца, сланинка. Му текна дури и за мазниче — зелниче, та дотера дури до алва. Оти пак да не тера човекот?!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
А за готвење! Да има јајца, мас, сирење, сланина, месо и шеќер! Алви да ти праве, ориз со млеко, ореи со мед!
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И дај јајца, кокошки, алви, небарем од татка му чивлигот го расипуваме.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Кокошки, јагниња, прасиња, алви за ручек и вечера, зоб за коњот, сѐ се носеше по конаците каде Толе кондисуваше в село, секогаш: тој, Мише Ќосото и белиот коњ во една куќа, а другите седум другари во друга.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
21. АЈДУКОТ АЈДУК ФАЌА - во таква ловџиска сказна алвата за боза се враќа, наградата наместо казна...
„Куршуми низ времето“ од Љупчо Стојменски (1976)
— Кој од вас овдеки комита, бре ердули? — намрштено се провикна Арслан и ги измери домаќините на селото кај кои толкупати имаше правено визити и јадено кокошки и алви.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Дали од алвата му залетна, дали од некоја питулица, дали од ракијата или од чадот, ама гледаме ќе се удави. Помодрува во лицето.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Мешаш смокви, мешаш леблебии, мешаш алва од печено брашно.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
- Каде што ќе не однесат средозимскиве ветеришта! – Одговори задоволно Дедо Мраз пред кого, Добре, најдобриот човек на светот, го подзабришуваше жешкото лице облеано во солзи – радосници – Каде и да одиме, ќе ве распродадам како алва на гладни сумустраци!
„Авантурите на Дедо Мраз“ од Ристо Давчевски (1997)
Мајка ѝ даваше најубави јадења и секогаш имаше пари за алва.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Перса не сакаше да навлегува во проблемите на Чана, таа е задоволна што Пелагија ја прифаќа идејата и вечерава можат да приготват гурабии, алва а и некоја суканица, а свечениот ручек кога ќе се вратат од неделната утринската литургија.
„Црна билка“ од Ташко Георгиевски (2006)
Продадоа оки и оки вино, цели череци сува пастрма, грнци и земјени тави се трошеа небаре полни со алва, ама, а Петре ќе стореше чекор в лево - и измеќарот правеше чекор в лево, а в десно - и тој по него.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Душманите не ги рецкаше, а пред тие што ја трпеа се лизгаше како алва во саан.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Калија везеше многу убаво. Попладне, откако ќе ги свршеше домашните работи, туку ќе се курдисаше на чардачето и, наведната врз ѓерѓевот сѐ додека беше виделина, го чекаше така Маркота од дуќан, кој секогаш ѝ носеше измирска алва во книџе.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Секое одење на пазар, Силјан, уште неслезен од коњ, прао ќе појдеше кај лебарниците и ќе земеше еден топол сомун ас екмек и ќе си купеше тан - алва, та ќе јадеше.
„Македонски народни приказни“ од Иван Котев (2007)
Шабтај му даде знак на малиот и тој попрво ја пушти раката кон алвата што потоа брзо ја стутка в уста.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Откако заврши, Рена извади чинија со домашна алва обликувана со лажица и ја постави на масата, пред Јаков.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Покрај овие треба да се наведат и заемките: гурабија, гурабии (од арапски gurabiye); алва (од арапски helva), со повеќето видови како: ќетен-алва, таан-алва (од турски ketenhelva, tahin helvasi); локум, ратлук (rahat lokumu), потоа неколкуте вида слатки од варено овошје: речел, направено од варени парчиња тиква со ореви (од турски reçel); маџун (од арапски macun); пекмез (од персиски pekmez); пестил (од турски pestil), ошав, варено овошје, особено црни сливи (од персиски hoaf).
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)