џепче ср.

џепче (ср.)

Станаа какви што ретко можат да се видат во светот: во едната имаше илјадници ситнурии и матракулки: од игли за плетење и крпење до часовници што некогаш имале разноразни задачи: да ѕвонат, да тикараат, да гукаат на ѕидови и да се тресат по мали џепчиња; па потоа конзервички и тенеќиња со шарени обвивки и со натписи што можеш по цел ден да ги читаш и да не ги протолкуваш; шишулиња од разни големини и дебелини, кои можат да се носат воврени во прстите или пак наредени како цевки под мишките; белезички, прстенчиња, ножиња со рокчиња, шарени стомничиња, свирчиња, а потоа: рачки од чадори, поткови, бургивчиња, тркала од колички, панаѓурски штракачиња и што ли не.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Под сплесканите шајкачи им се гледаа ширнатите лица и рамената до џепчињата на копораните.
„Будалетинки“ од Мето Јовановски (1973)
Неговиот другар со кого во болницата лежеа во ист кревет, со забите го кине копчето на џепчето од блузата, зашто двете раце и градниот кош му се изврзани со завои, ја вади со заби сликата на која му се жена му и син му и ја моли сестрата да му ја запне на штиците од вагонот; погледнува во сликата и испушта душа.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Му рече ли лош збор - полош ќе ти врати; црната: ниту сака да те сретне, ниту сака да разговара со тебе; пред очите му е темно; сѐ на светот му е виновно; мудри се, знаат многу, со очи, со поглед можат да дознаат сѐ: кој си, што си, колку тежиш и што сакаш да речеш; во разговор со нив секогаш чувствуваш: меѓу тебе и нив голема далечина; не се напрегаат сѐ да чујат и разберат; на проклетството и на болот му робуваат; лилавата (јоргованлијата); постојано си потпевнуваат во себе или гласно: и во одење, и во работа и во кревет; во устата, на ушето или во малото џепче од палтото носат цветче - за салтанет; на секоја веселба први запoчнуваат да пеат; што било вчера, што било денеска, што ќе биде утре - не ги интересира; кога смируваат скарани, не сакаат многу муабети; на скараните ќе им речат: ајде чукнете се со чашките, оти главата ќе ви ја чукнеме; те фалат, те гушкаат, но сето тоа го прават без мерка; последни од кафеаната се прибираат дома; сивата: многу пребираат, џимрии во јадење, во купување, во облекување; надвор ако врне - продолжуваат по цел ден да спијат; од добиток не држат ништо, или сосем малку; за сѐ, па дури и нешто на милост да речат - колнат; клетвите им се помошни зборови со кои полесно се изразуваат; повеќето се тенкоусти, палени на збор, на јазик; кога е студено - мајката на господа му ја караат, кога е жешко - исто така; на гости, по свадби, од иста чаша или сафа не пијат; дома на прагот од куќата те пречекуваат држејќи ја вратата недоотворена; очите секогаш им се готови да те погледат напоречки, да те мунѕосаат; портокаловата: лични луѓе, секој сака од нивната куќа невеста да земе; кога врват девојките и невестите низ селото - како сонце да врви, сè пука на нив од здравотија, од личнотија; коњ аздисан скротуваат, пукнуваат; таа убавина, таа здрава јатка во нив ги држи до триесеттата година; по неа - одеднаш како зрел плод се што не може многу да држи, свенува, се олошува, се распаѓа; од никого лош збор не се слуша; благи и кротки и во очите и во лицето и во зборот; старичките чисто-пречисто се носат, мирисаат на мискинсапун, на калофер, но не доживуваат длабока старост; прават куќи понастрана од другите, истакнати, видливи; добиците им врват низ посебен влез за во кералот, не низ дворот да им го балегат и гнасат; кога крштеваат дете, врват низ селото како кралска процесија, како крал да се крунисува; ако седиш со нив, имаат моќ да те маѓепсаат, да те стават под влијание, да те владеат.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
На, гледај...“ ги вади од долапот и ги фрла пред неа; прва фотографија: Профим со жена си Профимица; таа е со испупчен мев, трудна; крај нив се сите четири ќерки: Царјанка, Девица, Венера, Андромеда; облечени која како се нашла во моментот кога сликарот дошол; зад нив: плот со оретчени плотици на кои стојат наврени празни грнчиња, стомни, чупки; дрво што се превиткало и со едниот дел влегло во фотографијата; Профим со поднакривена шубара и исшилени мустаќи подвиткани нагоре; едната рака ја држи префрлена на рамото од Профимица, а со палецот од другата рака притиска на малото џепче од копоранот; Профимица е забрадена со шамија тргната над очите, како да се затскрива од сонцето или како да се срами; втора фотографија: Профим и Профимица, сами; Профимица е со доста потпорастен мев; фотографијата е направена одблизу како за на ѕид или надгробна плоча; жена му ги држи рацете скрстени на мевот, а тој ја држи под рака; зад нив се наѕира вратата на чија клучалка висат потки од дрен и кукурек и дел од детската глава нацртана со креда на вратата и чијашто уста е развлечена во смеење; трета фотографија: пак сите заедно, но сега Профимица ја држи во рацете долгоочекуваната принова на куќата - бепчето Скрче; се гледа: фотографот имал голема мака додека успеал да го фати овој момент кога бепчето ги отворило очите, при што насмевката на Профим, од долго местење и стоење, останала како сиросана, како скаменета; девојчињата од пресилно блескање на сонцето, замижале и изгледаат како да спијат! четврта фотографија: Скрче качен на коњ.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Шандор на главата има паларија со извиткан обод на кој не му се знае предна и задна страна; под раштрканите мустаќи му се гледа малечкото луле провиснато на крајот од устата; мевот му е испакнат и напиња на елекот што го стега; на елекот му се гледа синџирче од часовник што му завршува во џепчето каде што му е ставен палецот од едната рака; погледот му е сериозен, па дури и малку свечен од важноста што ја придава на сликањето, на чинот со кој ќе се овековечи градењето на куќата, на која е завршен првиот кат, а започнува вториот со оставени отвори за врати и прозорци.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Пред вратата од катедралата стојат Богдан и Марија фатени под рак; Марија во едната рака држи букет цвеќе; облечена е во невестински фустан со широки набори и тантели, стегната во половината како балерина, а на главата бел превез и венче; Богдан е во црни алишта и со бело шамиче во малото џепче; насмевнати се, весели се; крај нив се неколку машки и женски прилики и неколку дечиња раштркани и неподготвени за сликање.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Секогаш носеше панталони и високи чизми во кои имаше пикнато камшик со кој плускаше по кучињата за да ги смири, а често и без потреба плускаше и низ просториите на Пансионот; носеше елече од кучешка кожа со црни и бели дамки што беше упадливо од далеку; во џепчето носеше шишенце со мирис со кој повремено се стркаше штитејќи се од реата на кучињата; косата секогаш ѝ беше врзана одзади во опашка која при одење ѝ се мавташе.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Кутрата роднина, потем повеќе несвесно, се обиде двата златника да ми ги потури во горното џепче од мојот жакет, но тоа беше пришиено.
„Атеистички музеј“ од Луан Старова (1997)
Димитар Керамичиев, Спасе Аврамовски, Кицо Нушков, клас поназад, си дозволија, преку дворот на ресторанот, од едно џепче во кое гледаше едно прозорче од задното крило на гимназијата, да ни уфрлат рачна бомба додека раководството на активот држеше состанок.
„Исчезнување“ од Ташко Георгиевски (1998)
Шаторот се затвораше со патент широк како офицерски ширит, од врвот до прагот, а тука се заклучуваше со катанец, чиј клуч го држеше Геро како најстар во екипата, но не во малото џепче кај ситните пари туку на синџирче заедно со ножето за отворање конзерви и отнување тапи.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Го држеше надежта дека може, кога мине пред Боцевата берберница, да ѝ испадне случајно нешто од чантата или од џепчето и тогаш тој сосем лесно и незабележано од никого ќе се здобие со една драгоценост.
„Послание“ од Блаже Конески (2008)
Лука Карер застана на градскиот плоштад, веќе по третпат ова мирно неделно попладне барајќи го часовникот на сребреното синџирче што, инаку, го вадеше изведувајќи една прилично сложена операција: најнапред закачувајќи ја рачката од големиот црн чадор на левата рака, потем отворајќи го тешкиот зимски капут, па сакото, за конечно да го извлече ќостекот од малото џепче на елекот со излижани рабови.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
-Еј, човече, полека, не брзај! -Ако тој не ти ја наплати царината, тоа е многу повеќе од неговите мали џепчиња. -Ама џепчиња!
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
-А, бре џепчињата се плитки како чамци, ама процентот на царината е висок како Кораб Планина.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Сакав да му подарам нешто, а ништо немав, и помислив да го откорнам џепчето од црвеното фустанче кое пред мене го носеа моите постари сестри.
„Сестрата на Сигмунд Фројд“ од Гоце Смилевски (2010)
Сигурно некој лопужа ги бутнал парите у џебче - беше дијалогот на двајцата травари у Новата лисица.
„Двоглед“ од Горан Јанкуловски (2011)