ќерамида ж.

ќерамида (ж.)

Илија се појавува на вратата кога сонцето е слезено до ќерамидите на куќарчето и првите зраци го затекнуваат на вратата.
„Антица“ од Ристо Крле (1940)
Иако село — оддалеку личи на град. Куќите му се покриени со ќерамиди.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
И убаво свиреше Крсте, та штом го рече „тешкото“, и самиот Пере се фати на танецот и почна да се крши и врти како што се кршеше на сретсело кога правеше ќерамиди.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Откако се наиграа и нашетаа низ село, сите улички ги протрчаа со коњите, сите кучиња ги нападија надвор од селото, ги направија коњите бела пења, изгазија ергенчињата по некое девојче, турнаа по некоја стара баба и ќерамида од покривите; на еден знак се прибраа секој во својата „база".
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Куќата е соѕидана од камен, со два мали прозорца, по ќерамидите се фаќа темно и суво мовиште.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Сега дождот им ги полни седалките; цивкаат преплашено и трчаат безглаво под разбуричканите ќерамиди. Насетуваат што се случува.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Се качи Стојан трет и се фати за ќерамидите на калето и како мачка се спушти наземи. Со секавична брзина ја отвори портата и другите се втурнаа внатре.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Не беше решен вечно да остане во туѓиот стан, сметаше само до пролет да живее тука а пред да дојдат ластовиците пак да се врати во својот стан под ќерамидата.
„Било едно дете“ од Глигор Поповски (1959)
Гредите од куќата почнаа да пукаат, ќерамидите да паѓаат на таванот, но овој не се потпали наеднаш, бидејќи Јордан беше го засипал со земја за да му држи топло зиме.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Им даде знак на војниците и тие се качија на покривот, ги расфрлаа ќерамидите, ја откорнаа чатијата и почнаа да го рушат ѕидот кон патот.
„Свето проклето“ од Јован Стрезовски (1978)
Кулите, и ден-денешен го имаат тогашниот изглед: надвор немаат балкони и покриени се со старовремски ќерамиди; внатре, пак, на најгорниот кат, имаат една единствена одаја со четири, на секоја страна по еден, големи шимшир прозорци и камени поѕидоци - миндерлаци.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
А од нивната касарна, таму најгоре на Чауле, како сведоштво за немоќта на војската да се одбрани од ајдутските напади, и ден-денеска се расфрлаат камења и старовремски ќерамиди.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Понекогаш Мил низ прозорците ја гледа борбата на ветровите што често се собираат над селото да се бијат; се бијат, Северецот и Југот, Источникот и Западецот, а во таа борба понекогаш се замешуваат и помалите ветрови и почнува еден општ метеж, хаос; час еден ветер зема превласт, час друг; во таа жолчност се кршат дрвјата, паѓаат ќерамиди од куќите, се рушат оџаци, пукаат прозорците, летаат снопови 'ржаница, паперка; се откорнуваат фиданки, младици се витлаат, лисја сламки, пеплишта; фиукат ветровите, урликаат како дивина, се витлаат по земјата, се креваат нагоре, фаќаат широк простор кон небото, и пак се спуштаат над селото и над брегот раскинувајќи го и чадот од дувалото во таа нивна борба.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Ќерамидите скокаат кон небото, како некој со рака да ги фрла нагоре.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ниедна ќерамида не се враќа назад на земјата.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Ме заборавија кога Илчо Просинек почна да раскажува како бил млад роб кај некој трговец Евреин во Солун, слугувал, продавал газија, сапун, сол, суви риби, зашеќерени бадеми и урми, ги миел во саботните попладниња тркалата на стопановиот пајтон, ги тимарел коњите, метел, окопувал јаболкници и лилјачиња, прередувал ќерамиди, хранел пци и мачки и чувал кадрави деца.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Папците на козата ѝ овозможуваат слободно да застанува на задните нозе и да ја вклешти гранката што ја брсти, а нашите нокти, слични на ќерамида, служат за потпирање на образите при пофини допири...“
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Кога запре дождот, Богдан се качи на покривот и ги замени скршените ќерамиди.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Дождот што туриваше силно пронашол некоја скршена ќерамида на покривот и пробивајќи се низ таванот сѐ повеќе тропа на масата и подот.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Повеќе