чанак м.

чанак (м.)

Го наследија близнаците Крловац од некој свој роднина добротвор и наследија една колиба со многу ненужни предмети: дрвена вила, дрвена лажица, дрвен чанак, дрвен триножец, земјана стомна, земјено грне, стар календар со избледена слика на некаква кралица и сѐ така нешто бесцелно и без функција во еден живот на кој му припаѓаа - колекција на разнобојни срчи од прозорците на некоја градска црква, урната во војната, китка суви непознати треви, куп черги, војнички шлем, карбитена ламба.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Дури и оној внук на синот или на внукот на зографот од првата половина на деветнаесеттиот век, иако сега издуван, јунак и артилерец во српска или бугарска батерија од балканските војни, седеше под сенка со чанак попара пред себе, давеше муви во реткото млеко и мавтајќи со лажицата пееше со децата.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
Лежејќи замавнав со нога. Отскокна и го бутна триножецот со празен чанак.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Таму, меѓу басмари, аџии, скитници, додека од преголем котел некој анџија ќе сипува во чанаци преварен грав со козји дробенки или бел пилав од кочански ориз, ни оние неколцина Турци што ќе се нашле на своја софра и со свое оружје, од анџар до кременка, не ќе им биле туѓи и страшни; плиснати со оган и загреани од скомињава ракија со која се пее и се плаче, тие ќе се разграштеле, ќе се погледнале со сочувство и машко охрабрување и ќе пресметале што уште им останало во торбите и дисагите и колку имаат на колите сено за добитокот.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Гладот ли што ги мачеше и нив исто како и џганот, или сликата на гладот што ја гледаа пред себе во партали, боси нозе како ѓон со крвјосани петици, гурелави очи и остри коски како сабји подадени под смрдените кошули на оние што ја преживеале чумата, ги издели некако двајцата од несреќните и ги направи поблиски, иако со сркањето од бакарните чанаци сакаа да покажат, ќајата - дека и покрај човечката слабост тој си е обезбеден пред допирот на несреќата, а тој пак - дека е благодарен и почестен што е со него.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)