царштина (ж.)
Таму нашите каурски царови извадиле голема војска да се бие со Турчинот, но како рекол господ да ја загубиме царштината, од сите парчиња на кои бивале раздробувани Турците никнувале нови Турци.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Но ние се сметавме за каури, христијани и рајати и помниме дека сме имале наша каурска и рајатска царштина, но сме ја загубиле на Косово Поле, кога им се налутил господ на нашите предедовци.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Таму, т.е. на Косово Поле рекол господ да си ја загубиме царштината за казна затоа што не сме ја чувале верата чиста.
„За македонцките работи“
од Крсте Петков Мисирков
(1903)
Нашиот цариштина голем. Од Мека и Медина, од Алжир и Тунис, а оттамо до Белиград и Сараево.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Тврдат педесет години која била султанија на еден од твоите ни дедовци и прадедовци и дека во тие фермани и берати пишувало дека тој крај од големата наша царштина бил подарен од некоја ѓаурка Мара пред сто-сто и педесет години која била султанија на еден од твоите прадедовци.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Тие луѓе не знаеле дека на земјава постои еден цар – падишахот наш – и ниеден од нив, не само што уште не јал ниеден наш грбач, ами до ден денеска не им платил ни аспра на царот и на царштината.
„Калеш Анѓа“
од Стале Попов
(1958)
Та кој во оваа царштина не го знае тоа?
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
„Ете, тие се злото на царштината и тие ќе ја урнат, а не овие домаќини луѓе што се креваат да си ги заштитат своите имоти и животи", — си заклучи тој и си отиде во Битола да му рапортира на својот бимбашија, а преку него и на самиот Бахтијара дека во неговото село зимоска убаво поминал без да имало причини за зулуми правење.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Арно ама, ете не излезе тој план како што го кроеше Толе во својот ум. Не било така лесно со коси, секири, крклизи и кременачки да се урива царштина од пет стотини години.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Повели, седни... и... еве читај, —го покани бегот својот заштитник, командирот на оружаната сила што беше пратена да го варди уќуматот — царската власт во овој најзафрлен дел од големата турска царштина.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Задолжителната и работа ет в три нешта. 1-во: да устроит црква, во која си сакаме да си слушаме молитвите и словото божие на јазикот ни като сичките ни брајќа Бугари по царштината. 2-ро: да устроит училиште в кое сакаме да ет мајчиниот ни јазик и право на него да се воспитуваат челадата ни наша, сетне на турцки и најсетне, ако имат време и на други. 3-то: затова и основјавме народната ни црковнообштествена општина, да се устроит, а која колку за управлението има да си устрои устав и правилник, кое нешто да бидит основа на дејствијата и, сообразно со приличните за то правителствени закони и да го претставјава народот пред секое званично место, за кое нешто ќе држит редовни преписи на дејствијата си по наша за това запечатена кондика, а решенијата и ќе идат приети од нас като општо.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
А царштина без цар не бидува колку и да има такви Кои себеси се замислуваат навалени во рускиот царски трон Не знаејќи можеби дека и тронот отишол јабана Пред црвените јазици на октомвриските пламени
„Сонот на коалата“
од Ристо Лазаров
(2009)
Сакаше Русија да им дади, ама Портата во Цариград прати свои луѓе по европските царштини и таму им потшепнаа што значи Русија.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
И Грците и Болгарите дигнаа рака против царштината и што добија? Меѓусебна омраза и туѓи цареви.
„На пат со времето“
од Петре Наковски
(2010)
Народот пее јуначки песни и прикажува приказни за него. Станува страв и трепет за царштината.
„Календар за годините што поминале“
од Трајче Кацаров
(2012)