хроника ж.

хроника (ж.)

Навистина, си изгледам буденброковски во сивото, сомотско куќно палто на татко ми, готов да го отпочнам разоткривањето на возбудливите моменти од семејната хроника, поткрепени со пожолтените фотографии, преполнети полици на библиотеката, заладеното вино во посребрените чаши: Убиството на прадедото Хаџи-Васков, прикажано во вечерашнава верзија со посебен нагласок на величествениот предсмртен гест кон атентаторот, - „Нека ти е простум, синко, ни самиот не знаеш што правиш“, ја тера Ева III, да ме стисне за рацете, а штом минувам на единствената љубовна приказна за Ѓорѓи, непокорниот син на Прокопија и српската учителка, мојата ноќна посетителка, сѐ уште цврсто држејќи ме за рацете, клекнува пред фотелјата и оддолу, ги впива секој збор во ширум отворените очи.
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Продолжуваше да се движи во кругот на семејството, да ја допишува заедничката хроника на животот и смртта.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
За секое семејство во градот можеше да се напише хроника, во која најзначајно место ќе заземеа козите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Ако литературата е жив пергамент кој од секунда во секунда ја бележи хрониката на „светот на животот“, тогаш таа не може да има никаква обврска кон теориските барања.
„МАРГИНА бр. 4-5“ (1994)
Авторот на „Марсовските хроники“ одбива да созрее, останувајќи близок до формата на мрачниот По, а не се прифаќа за романот, обликот на Бароуз, својот втор идол, авторот на простодушно и детинесто раскажаните приклученија.
„Лек против меланхолија“ од Реј Бредбери (1994)
Ниту пак, имаме намера да ги регистрираме латинските записи, различните патеписи или бројните хроники кои известуваат за освојувањата на градот, како ни сѐ она што е напишано по повод катастрофалниот земјотрес од 1963-та...
„МАРГИНА бр. 34“ (1996)
Обожава да ги чита црните хроники по весниците, или да слуша кога возрасните зборуваат за тоа, па потоа ни раскажува.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Црните хроники по весниците многу ѝ ја имаа развиено фантазијата во таа насока.
„Игбал, мојата тајна“ од Јагода Михајловска Георгиева (2000)
Во хрониките и легендите никаде не најдов како се лечи сув бунар, туку само како лечи, самиот тој, бунарот, како дава живот, како исцелува, но и како влече длабоко долу, како плаши и страши со откритијата за живи и за мртви тајно фрлени на дното.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
„Еве“, рече, „овде се дел од тие документи - хроники, исечоци, белешки, патописи.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Централниот наратив му припаѓа на педесетгодишниот Симон Поцо, писателот кој се враќа во своето родно село Маказар со намера да напише хроника, „повест“, посветена на сопственото семејство и на селото од каде што потекнува.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
На залезот од животот, кога опсесивно се трага по некакво помирување со нереализираните илузии, небаре задолжен од семејната судбина во егзил да ја допишам хрониката, оставена со пораките од Татковите книги, како можен тестамент за новите патишта на идните разгранувања на семејството, постојано ме обзема чувството за еден неисполнет долг кон Мајка.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Тука, во секој корен од косата, како на вистинско семејно стебло, сигурно беа сите настани од семејната хроника.
„Ервехе“ од Луан Старова (2006)
Тие ѕидини, на кои дедо му живо се сеќаваше, беа битни делови на историската хроника на градот, а со тоа и на островот.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Колку што настојуваше генерално да го согледа текот на настаните во светлината на ангажманот на Европската унија и САД, заплашена тие да не се претворат во војна како претходно во Босна, Хрватска и Косово, таа беше силно внесена и вникната во мојата судбина како човек и писател на една балканска семејна хроника во текот на XX век.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Поетот не успева, но го посејува семето на заедништвото, на отворениот простор, така што ѕидовите на обградениот еврејски дел од градот сепак се урнати, дури век подоцна, по иницијатива на еден од неговите претходници - ја реконструира Карер локалната хроника во себе - во времето кога островот се присоединува кон Грција.  „Островот ли ги зближува луѓето”, по којзнае кој пат се запраша Лука Карер.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Во хрониките што се чуваат во библиотеката на неговата синагога, во долгите ноќи откако беше поставен за нејзин рабин, Елеазар бен Цви читаше дека по завршетокот на Првата светска војна во 1918 година, двата балкански града им припаѓаат на две различни држави: Салоник на Грција, а Битола на новата држава Југославија.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Берогројзењето обично се случуваше на почетокот на школската година, во периодот кој хрониките на школските тетратки го обележуваат како Есента во нашиот крај.
„Филтер Југославија“ од Константин Петровски (2008)
Мојот пријател Едгар Морен, умее многу поуспешно од мене да ги вреднува високите книжевни достигнувања на Старова, автор на една магистрална книжевна хроника за едно семејство во текот на XX век што претставува несомнен придонес за нас западните Европејци подобро и подлабоко да ја разбереме балканската историја низ впечатливи филозофски метафори.
„Амбасади“ од Луан Старова (2009)
И бидејќи имам лоша навика да го прелистувам весникот од назад кон напред, свесно прескокнувајќи ги страниците за економија и политика, но не со цел да се задржам на некролозите, туку на рубриката за култура (ако воопшто има таква во овој ден од неделата), случајно дофаќам две страни повеќе и кога во рубриката црна хроника, што ќе видам: Јадранка сликана во придружба на двајца батки облечени во униформи, очигледно припадници на безбедносните служби, кои ѝ помагаат да излезе од огромен црн џип, ламја од минимум 3000 кубика.
„Вител во Витлеем“ од Марта Маркоска (2010)
Повеќе