учкур м.

учкур (м.)

Еднодушно го одобрија планот сите и веќе секој пајдос и по два пати се враќаа во клозетите со по едно ќесе земја врзано за учкурот од гаќите.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Држи се за учкурот, важно е да сме свои, какви сме такви сме.
„Диво месо“ од Горан Стефановски (1979)
Шепотеше молитва што само тој ја знае; поточно: ја измислил со зборовите на некој предок, Јаков Иконописец или Круме Арсов, или некој што живеел далеку од нив колку и тие од него: ...нас сите со млеко од иста измитарена биволица нѐ доеле, господи наш севишен, и од еден склопец нѐ демнела сиромаштијата лутица, семето да ѝ се сотре и од правот нејзин да жугне берокуќничка добрина, и исти пијавици ни се плетеле место учкур околу папокот, орли врз темето лузни ни пишувале и штркови балабани низ грчмак срцето ни го ваделе и го пресадувале на новороденчиња, пред иста земја челото на камен сме го допирале, сме биле, не било не, не ќе сме, вечнаја памјат ни ...
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Во потопот и вашите болви ќе се издават, претскажувал старецот со вражалски ќесички под очите, едното поголемо од другото како што е поголем потпланински бадем од семка на слива; навистина оние четворица со клокотави грла за малку не умреле од незапирливо смеење, се тркалале по млада трева слични на пеливани што се борат со своите сенки, наеднаш половина дружина да попаѓа од стомачен кикот кога оној Филип Макариев го прашал со детска наивност вториот Нојо што ќе се случи ако нивните болви се удават со него а сите други ако останат во големо корито со неговите болвички, црни и скокливи внучиња со Симон-Наконтикова крв на невидливите цицалки - Ќе се давите и ќе подавате раце да ми се фатите за учкуров, ама - на! завлекол рака в појас Симон Наконтик; капнувале од невидено смеење не знаејќи ги бара ли тој болвите под гаќи да ги стисне в рака и да ги спаси од поројните води што ќе ги покријат и Содома и Гомора на вилаетот или заканувачки сака да им го покаже учкурот за кој со задоцнето јунаштво на машкоста им раскажува нови библиски поглавија; од утробата му 'ртел плач.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Бол, повторена возможност на заборавениот Лозан Перуника кога ни го викнале да чекори со оние што ја пребарувале густината на леските ни му покажале стражарско место да го демне призрачето на гаќи од кои се мавта учкур како памучна сабја на смешен, потсмешлив или исмеан делија.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Ме повикува врсникот Неделко Шијак, пак шепотел со стиснати шепи на градите божем држи рабови на миросано платно со кое си ја штити душата од отровни повити, но Богоја Гулабарин, Пане Долгманов, Цветко Грнар и Илчо Просинек, веќе се здоговориле ојуначени од ракија да ги здружат сурите волиња во две двоколки и пак во ново јунаштво се клештеле и се подбуцнувале со лакти превесели и за свадба; со сладосни гласови од кои и птици ќе се разбуделе го распрашувале старецот кога ќе се стрчне подмладен и избричен кон цицлестата Фиданка да ѝ го покаже мускулестиот стомак и сѐ друго што е машко на неговата ластареста става; им говорел со ѓаконска самоувереност - Ќе дојде потоп, господ ќе ме држи да не потонам а вие ќе пекате по мене и ќе ме молите ропски рачињата извалкани да ви се држат за учкуров, да ве влечам по бранови и пени.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Претпоставувам дека за дедо неприкосновениот голем френски беше поставен кон нашиот език како полуцилиндарот кон фесот, или уште подобро, како панталоните купени во „Кавалер моде“ кон долгите гаќи со учкур.
„Човекот со четири часовници“ од Александар Прокопиев (2003)
Ване немаше друго, освен да си помисли: кусур по кусур - учкур, учкур по учкур - ќурк, ќурк по ќурк - куќа: така се станува домаќин во сите времиња, така се станува домаќин и во сите невремиња.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Во дворот полн со цвеќиња тој фрли само брз поглед, иако тие можеа одново да му кажат многу, но околу шадрванот во дворот, еден од најубавите што ги беше видел досега, се бркаа мали Турчиња во провиснати бечви кои постојано си го тргаа учкурот нагоре додека трчаа, та оваа слика ги надвладеа другите и мошне го успокои со ведри ветувања.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Постоја така размислувајќи за нешто, па се фати за учкурот од шалварите, но брзо се премисли и побегна дома.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Два или три дена големците зборуваа за големите победи и редум ги посетуваа бараките, а таму кој за колк се држи, кој за половина, кој на патерица се потпира, кој кашла та кашла, кој постела – рогозина не дава да се олади, кој учкур не врзува туку сал трча до кенефите...
„На пат со времето“ од Петре Наковски (2010)
Ајде, народе, одврзвајте учкури и напред да го извајме инаето! - викна дедото Наќе и додека стигна до ѕидот, си ги измоча пачовиците...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Лабро без да чека двапати да му речат, го одврза учкурот и со едната рака, држејќи ги шалварите, а со другата рака ...., се истопори пред ѕидот и од лево кон десно, па нагоре и надолу, го мочаше знамето.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)