трошок м.

трошок (м.)

Ами свадба ли е со пет лири трошок?
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Кој ќе чуе како ќе рече: „Тиии! Ами толку ли чурук била таа пуста жена, сиот трошок по неа фатил само пет лири!“.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Освен по некој шербет што се напиваа сејмените и сено што земаа за коњите, други трошоци не правеа.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Којзнае што ме натера ѓаволот. „Неволјата не оди сама, велеше дедо, не прави трошок за малку.“
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
Судот го запозна Китана со оваа и му кажа дека е беспредметно да се врши експертиза, кога трошоците за доказната постапка се поголеми од сумата за која што се води спорот.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
А за трошоци не зборувај. Ти да си жив и здрав. Автото се поправа. И ново се купува.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
„Те молам, мамо, не плачи. Не можам да си простам. Толку големи грижи ви сторив. И трошоци.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
Укинувањето на кривичното гонење би ја зачувало законската забрана за уживање на дрога со што веројатно донекаде би се обесхрабрила побарувачката, додека луѓето што се загрозуваат само себеси не би се апселе. Со тоа би се намалило оптоварувањето на полицијата и би се снижиле трошоците за издржување на затворот.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Укинување на забраната секако не би преставувало идеално решение, но би овозможило намалување на трошокот на кривично гонење, би се окончал сѐ поголемиот број апсења и затвори, би се намалила смртноста меѓу наркоманите, искушението во кое се доведуваат малолетниците, и би се намалила големата стапка на криминалот.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
Дури и повеќе, уживањето на дрога би можело да се прошири, дури и значително, што на останатите членови на општеството би им наметнало додатни трошоци, какви што би наметнала зголемената потреба за здравствена заштита на сиромашните уживатели.
„МАРГИНА бр. 6-7“ (1994)
За да не правам трошоци самиот си ги перев чорапите додека беше излезен...
„МАРГИНА бр. 21“ (1995)
Но, да се разбереме, мора при тоа да се размислува за две работи: потрошената вода за новите патеки да не ја намали количината на водата во хидроцентралите, за да не чини производството на струја поскапо, отколку трошоците.
„Патот на јагулите“ од Луан Старова (2000)
А султанот пак, што да речеме за него? Султанот од цела Румелија добива за своите трошоци редовен приход од даноците околу милион и петстотини илјади дукати!
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Додуша, беглер-бегот е водач на сите главатари, на субашите, на кадиите, тој има под своја власт седумнаесет војводи, а секој од нив со своја дружина од илјада и петстотини коњаници кои тој самиот ги плаќа и ги води во бој на свој трошок.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Сега, навистина, дотаму одат на свој трошок, но кога ќе стасаат до харачарите, нели и за нив самите си бараат барем по две аспри?
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Веќе не ни размислува за тактички потези, манипулативни трошоци и воени стратегии. Ништо од тоа досега не се исплати.
„Сонце во тегла“ од Илина Јакимовска (2009)
И промената кај правните лица кои вршат дејност во областа од 12 до 14, (со исклучок на правните лица кои се регистрирани како претпријатие), исто како и погорната, се однесуваше на висината на процентните поени со кои се намалува планираната стапка на пораст на трошоците на живот, при што таа сега изнесува 1 процентен поен, доколку е еднаква или е под планираната стапка на пораст на трошоците на живот (за месец јануари 1995 година), наспроти онаа утврдена во законот од 1993, која беше 2,5 процентни поени (за месец јануари 1994 година) (чл. 4).
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Со донесувањето на Законот за волонтерство волонтерите се здобија со следните права: а) пред започнувањето на волонтирањето во писмена форма да добијат опис на правата и обврските кои треба да ги исполнат и да бидат запознаени со условите и опасностите поврзани за време на волонтирањето; б) да бидат запознаени со општите акти на организаторот на услугите, односно на оние делови кои се однесуваат на волонтерските услуги, за кои се ангажирани; в) да користат средства за заштита при работа согласно со прописите за заштита при работа; г) да имаат право на обука, доколку истата е потребна за обезбедување на услугата која е предмет на договорот; д) право на отсуство за време на волонтирањето, ако за тоа постојат оправдани причини; ѓ) право на дневен одмор; е) право да бидат консултирани и информирани при одлучување за начинот на давање на услугите; ж) право на надоместок на однапред договорените трошоци поврзани со волонтерството (трошоци за храна, трошоци за превоз до и од местото на волонтирањето, трошоци за службени патувања и трошоци за обука) и з) право на заштита на приватноста и личните податоци.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Дрвената граѓа беше скапа, но работната рака беше уште поскапа, и додатните трошоци за дрвената граѓа ќе ги надомести со заштеда за работната рака кога ќе се уредува екстериерот, додатната дрвена граѓа ќе овозможи побрзо да се заковат цементните страничници, а ќе биде поекономично, а освен тоа целата кула ќе биде поцврста.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Во новите прекршочни одредби, за прв пат се споменува дека работодавецот ќе биде казнет со парична казна доколку: 1) обезбедувањето на мерките за безбедност и заштита на здравје при работа ги става на финансиски трошок на вработените, 2) не склучува договори со надворешни служби од областа на безбедноста при работа, 3) не им дозволува на вработените да учествуваат во дискусиите за прашањата од безбедност при работа, 4) не им ја презентира изјавата за безбедност и 5) дозволил пристап на вработени во области со сериозни и специфични опасности, а тие претходно не добиле посебни упатства.
„Обезвреднување на трудот“ од Савески, Апасиев, Ковачевски, Василев (2010)
Повеќе