тренира несв.

тренира (несв.)

„Како се викаше оној од кого те спаси светиот отец?“ „Мислам - Мирон. Сега се пријатели. Зошто?“ „Така. Го познавам. Боксер е. Порано и јас тренирав.“
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Читајќи ги очајот во очите на сонародниците, омразата во очите на домородците, тој уште поупорно ја тренираше својата издржливост, го зголемуваше своето знаење.
„Пловидба кон југ“ од Александар Прокопиев (1987)
- На пример? - го прашав. - Па, на пример, тренирање во некој карате клуб, или џудо, или занимавање со каков ѝ да е друг спорт.
„Јас - момчето молња“ од Јагода Михајловска Георгиева (1989)
Кошаркарскиот подмладок тренира во сабота претпладне на теренот зад училишната зграда.
„Клучарчиња“ од Бистрица Миркуловска (1992)
На овој начин пилотот може да стекне практика или да тренира без да ја напушта почвата.
„МАРГИНА бр. 15-16“ (1995)
Почна да се вежба во злостоп. Си постави претпоставки како „Партијата вели дека земјата е рамна“ и „Партијата вели дека мразот е потежок од водата“ и почна да тренира да не ги забележува и да не ги разбира аргументите што го докажуваа спротивното.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Како што ќе се види, контролата над минатото зависи, пред сѐ, од тренирањето на меморијата.
„1984“ од Џорџ Орвел (1998)
Ина имаше сосема класична несреќна судбина до доаѓањето во циркусот: татко алкохоличар кој умрел рано; останале со мајка им, таа и Светлана; двете се истакнувале во партерна и атлетска гимнастика во училиштето, и по наговор на наставникот, почнале интензивно да тренираат со некој познат руски стручњак кој пребегал во Украина.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Ги тренирал како што знаел и умеел, во паузите, меѓу претставите.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Газдата беше воодушевен; ми рече дека такво нешто до сега не видел, дека имам извонредна способност за одржување на рамнотежата, и дека бездруго морам да почнам да тренирам мото-акробатика.
„Папокот на светот“ од Венко Андоновски (2000)
Јас ги тренирам мојот дух и моето тело да не се потат ни во една ситуација.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Меѓу два залака варена пченка тренираме продолжен запир на здивот и дури утре ќе забележиме дека сме испокасани од невидливи мушички.
„Ситночекорка“ од Ристо Лазаров (2012)
Таму тој учеше, тренираше пливање и ватерполо, се натпреваруваше за училиштето со други училишта од државата Масачусетс и од Соседните Држави.
„Седум години“ од Зорица Ѓеорѓиевска (2012)
Тинејџерите во сиромашните квартови во земјата од седум – осум години тренираа некоја боречка вештина и фантазираа еден ден да ја облечат сината униформа.
„Браќата на Александар“ од Константин Петровски (2013)
А џигерите ми останаа во рингот. Дека едно време тренирав бокс... во „мува“ категорија.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
Како да го објаснам тој полет во движењето рано наутро, кога сѐ што шушка, капе и тренира нерви одеднаш не го есапам, како да го нема. Бог ги замеша прстите?
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)