тревка (ж.)
Белолики моми од нашите села ќе стрчаат в пролет, јаребици мили, ќе збираат тревки во раката цела.
„Локвата и Вињари“
од Лазар Поп Трајков
(1903)
Без беспризорните, широчината изгледаше гола како прелог без диви тревки, без оние жолти и виснати од жега млечки, сите и сите со иста судбина.
„Улица“
од Славко Јаневски
(1951)
Сѐ пулсираше, потсетуваше на живот пред смрт: ритмичкото удирање на развигорот, бавното нишање на тревките, лилавото испарување на земјата.
„Две Марии“
од Славко Јаневски
(1956)
II Елате момци црни мажишта, дечишта, чакали, орли од сите угари од сите добрави сите дедовци и сите колена Елате Да се збереме да се видиме Останало в крв уште од века нешто ни една лута змија в земи не ќе го исцица ни една тревка ни еден корен не ќе го исцица што ќе остане да ја храни оваа црна и проклета да раѓа бериќет маштија и немаштија.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Земјо, тагата ни ја открадна. Стиснете ги тревките неа ќе ја исцедите.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Расни ме боже, раце големи дај ми да бидам последно тело црнината што ќе ја догребе од сите тревки и од историјата на една песна многу што ја сонија - Македонија: Тргнав да ја барам телото го изгубив.
„Вардар“
од Анте Поповски
(1958)
Внимателно го крена ’рѓосаното железо, изгравирана глава на лав, што висеше на она крило од портата кое не се отвораше при секојдневната употреба и околу кое беше напластен од страните мов, а од долната ивица, напролет никнеа тревки.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Тревките, цвеќињата и бубачките тивко дишеа а од нивниот здив воздухот се полнеше со прекрасни миризби.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Сеќаваше како пријатно го галат меките тревки, како му ја нудат својата миризба шареноглавите цветчиња и како го гледат и му се радуваат многубројните бубалки.
„Било едно дете“
од Глигор Поповски
(1959)
Ги гледаше неговите кревки увца и неговите очички, и оние четири тенки како чапарушки и растрперени ноженца, ја гледаше сета таа чудесија од кревкост и невиност, со нешто многу од тревките во себе и со секој миг сè посилно знаеше дека таа дива ноќ не можеше да биде во состојба ни да измисли друг повистински гостин, што би можела да му испрати за да го зарадува во неговата самота, од овој, што беше сега тука, во неговите нозе.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Мислите му беа жолти и лепливи, се кончеа скришум и ползешкум, многу слични на една трева, што ја викаат самовилска коса и што расте по најзаглушните места и најниските присои, едни сосема лесни, тивки, шупливи мисли, токму како таа несигурно поникната тревка.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
А кога денот се прикраде пак во неговиот прозорец со онаа негова нерешителна виделина, во која будењето траеше долго, првото, што успеа да го открие, беше едно малечко, питомо главче, со две долги увца, кои по својата боја и по тоа како беа порастени многу потсетуваа на два листа од една мека тревка, што расте по висовите.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Тој почна да вика гласно, да мавта со рацете, да се загледува во секоја тревка – и пак никој не свика по него, ниту пак се обиде да му објасни дека и тоа не смее да се прави.
„Зоки Поки“
од Оливера Николова
(1963)
Ситно чекорат, кубат брзо стракчиња тревки, како да се плашат тревата да не исчезне или да не им ја одземе некој.
„Билјана“
од Глигор Поповски
(1972)
Знам сѐ: која тревка како се вика, каде расте, кога расцутува, што лекува.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Лежеше, седнуваше, стануваше, се обидуваше да откорне стракови папрат, ги маваше мравките што патуваа низ тревата, грицкаше горчливи тревки, а не знаеше зошто.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
- Парфемот може да мириса како најубава тревка! - се противстави Бојан.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Долу, по орниците, од каде што пред неколку дена стана снегот, ги појавија своите сини и жолти главчиња качунките, а разните тревки распуштија зелени ливчиња, мамејќи ги беговите јагниња на сладок појадок.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Крвта се цедеше од него, ја натопуваше земјата, тревките и нивните коренчиња.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Најмили годишни времиња му се пролетта и летото: тогаш времето го поминува по ридиштата и околните места собирајќи секакви тревки и билки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)