суши (несв.)

И брзо, неповрзано и нејасно ги заплетка зборовите прскајќи нѐ со ситни капки: - Сум ја чувала, и сум ја гледала, и сум ја ранела осумнаесет години, проклета да е, и сум бдеела ангелски над неа, а таа - ни благослов да побара од мене, се фатила кучката со некој пијаница, и ајде без збогум, како да нема мајка, а јас овде од грижи се сушам, не зела ништо топло со себе, може да настине, чедо мајкино, тој не ќе ја чува, пак мајка ќе побара, а јас...
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Ме погледна под очи, ме одмери со недоверба од која грлото ми се сушеше и подаде рака.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Од ден на ден губеше сили, место да му оди за напред. Очигледно, венееше, жолтееше и се сушеше.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
До самиот агол од училиштето мравките го изнесле своето житце од „амбарот" и го сушат на пролетното сонце.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Навапца петшест оки предено во разни бои и го обеси во дворот да се суши.
„Крпен живот“ од Стале Попов (1953)
Жена ти е трудна веќе осум месеци, а ти за сето време не спиеш, се сушиш, спокојство немаш.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
Им турија сено и слама на коњите, го затворија авурот, ја заклучија вратата и отидоа во анот да ги сушат мокрите алишта на огништето.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Треската го влечеше во непознат мрак и му го сушеше грлото на чие дно лежеше неговата смеа искината на парчиња.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Неговата зачуденост удри на крстост на каква не беше свикнат во канцеларијата со опор мирис на нешто непознато од што душникот му се сушеше до корен. „Јас сакав само да јадам“ , рече Отец Симеон. „Сфаќаш ли - леб? Само леб.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Сувата миризба на правлива волна му ги суши и стега градите и му се сака да избега надвор на отворено каде што има воздух и ширина за погледот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Потоа, дваесет дена сувите ветришта и врелото дишење на пустинските пространства го сушеа и истенчуваа телото, ја слабеа волјата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Пребледнуваше, а празнината, што му се таеше под стомакот сега му се рашируваше по целата внатрешност, сушејќи му го грлото и носејќи вртоглавица. Тој застануваше да здивне.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
„Балконот е малечок и облека сушиме на него, но сепак би можело да се најде малку место за цвеќиња,“ - гласно размислуваше сестричето.
„Градинче“ од Бистрица Миркуловска (1962)
Се измори и почна грлото да му се суши за вода.
„Волшебното самарче“ од Ванчо Николески (1967)
Само на некоја сламка бут од комарец се сушел обесен на пајакова јамка. Набожно христијанско племе.
„Најголемиот континент“ од Славко Јаневски (1969)
2. Од ова место не треба да се гледа сѐ: Мачета се да ја откриете ноќта Низ стебло што се суши.
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Но кога со врел скок летото рипна во нашата градина, тревата почна да жолтее, а земјата да се суши. Растенијата беа жедни.
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Пред нејзините длабоки очи секогаш се случуваше нешто тихо, одвај забележливо, но големо, неопфатно: сонцето си го врвеше својот пат, тревите зеленеја, растеа и се сушеа, ветровите се менуваа и ги бркаа облаците еднаш на едната, еднаш на другата страна од небото...
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
А таму имаше што да се види: куќичка со црвен покрив, алишта - бели, црвени, жолти, - прострени да се сушат, крави и теле на една ливада, високи електрични столбови и жици оптегнати од еден до друг... А зад сето тоа - рид!
„Билјана“ од Глигор Поповски (1972)
Во мала постојбина на усамени Така хабро свртено на југ Стебло се суши...
„Камена“ од Анте Поповски (1972)
Повеќе