стрчи (несв.)
Потпирајќи се на една голема ластегарка и со завој на главата, под кој му стрчеа перчиња руси коси, тој застана пред војводата Питу Гули и, гледајќи го право в очи, го замоли да го прими во четата.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Под него стрчат спили како разголени челусти, а под нив се удира и пени морската вода.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Лазејќи, ја фаќа рачката на дувалото. Павлевата глава стрчи во темната дупка.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
Само оџакот на колибата стрчеше црн, висок, како да му се противставуваше на тоа семоќно белило.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Иринка беше внатре. Само нозете ѝ стрчеа над водата.
„Бојан“
од Глигор Поповски
(1973)
Но сега се веќе во онаа доба кога силата од ден на ден ги напушта, кожата им ожебавува, пука, се лупи; им стрчат оголените гранчиња ко суви ковчиња, чкртаат на ветерот грозно, морничаво.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
I Дождовите деноноќно врнеа; туриваа силно, поројно; не се знаеше што е небо, што е земја: споени беа, измешани, каша; урликаа реките, потоците, трапиштата, суводолиците; влечкаа од планините чакал, гнилеж, дрвја; се разлеваше водата низ селото ги поплавуваше дворовите, куќите, плевните, ќералите, кошарите, гаждарињата, бавчите, гумната, нивјето, трлата, елиците, стоговите, листовниците - поплавуваше сѐ; туфкаа луѓето не можејќи да излезат надвор, рикаше добитокот гладен, гракчеа кокошките бегајќи сѐ повисоко на кокошарниците и плевните за да не ги зафати водата што растеше; прегладнети удираа со клуновите по гредите и ќерамидите; кучињата пливаа низ водата влечкајќи удавени животинчиња за да се нахранат; гледаа тажно луѓето од куќите, од прозорците, гледаа во водата што растеше, во дождот што непрестајно паѓаше како да се истуриваше од некои небесни мориња; овошките во градините и дворовите стрчеа со ветките над водата како давеници што бараат помош; полесните предмети: сандаци, кошови, канти, каци и разно овошје, пливаа по водата, одеа каде што ги носеа брзаците.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Магарето подзастана под мостот. Всушност со оглавот се запна за едно железо што стрчеше од дното.
„Јанsа“
од Јован Стрезовски
(1986)
Таму, на Зедница, на сртот нејзин, за да можеа да бидат видени од сите страни и оддалеку, поредени во долга низа и кренати на драгови стрчеа десетина вивки од `рженица, натопени во смола.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
Сета глава да ми е соголена. Само неколку влакна да ми штрчат на темето.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Ѝ се бројат ребрата, ѝ штрчат клучните коски, ѝ се истраниле карлицата, оглоданите лопатки.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
По една лепеза од зелени рскавици прекриени со шупливи, накострешени влакна, преку која Рептилите ја земаат таа течност, им стрчи зад секое уво. 18 Margina #11-12 [1994] | okno.mk
„МАРГИНА бр. 11-12“
(1995)
Зетот Богдан ја поткренал ногата повисоко од невестата, со цврст отсек, му се гледаат белите волнени чораби под ногавиците на бечвите порабени со гајтан; при замавот, дуплите ракави на џамаданот му се поткренале нагоре како крилја од птица; под фесот зафрлен кон тилот му стрчи парче коса како празови лисја влажна од пот; погледот му е свртен кон невестата која ја следи во играта.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
И со бомбардираните места од кои прав од малтер се виореше во воздухот, а трње стрчеше над купиштата отпадоци; и со местата на кои бомбите беа расчистиле поголеми парцели и на кои никнеа сиротински колонии од дрвени живеалишта како кокошарници ?
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Еден многу стар човек, подгрбавен но подвижен, со бели мустаци што стрчеа напред како на рак, ја турна подвижната врата и влезе внатре.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Беше тоа испиено еврејско лице, со огромен кадрав ореол од бела коса и со малечка козја брадичка - умно, а сепак некако подмолно лице, со еден вид сенилно лудило во долгиот тенок нос, на чиј крај стрчеа чифт очила.
„1984“
од Џорџ Орвел
(1998)
Многу оџаци почнаа да стрчат од анот покриен со олово, или куршум, како што го нарекуваа Турците.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Зад црквата стрчеа високи јаворови дрвја кои преминуваа во шумата на Кожле, на чиј почеток стоеше амбарот, секогаш полн.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Ги гледаш оние многу џамии низ градов? Стрчат како диреци, рајата ја плашат.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Тоа беше едно многу убаво лонче што тетка ѝ на Дора го донесе од Грција, сино со розово капаче и со бледорозови уши што стрчеа од страните.
„Чкртки“
од Румена Бужаровска
(2007)