сплет (м.)

Мече дури тогаш се присети дека меѓу ископаните купишта земја крај каналот и на реката, виѓаваше многу корења испреплеткани во чуден сплет.
„Бегалци“ од Јован Бошковски (1949)
И умираше во густ бамбусов сплет под тешки шепи на џиновски тигар додека над него раснеа небото и восхитениот шепот на африканските ѕвезди.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
И префлајќи ја војничката торба преку рамо, појде пред него нишајќи се со широките плешки како да се пробива низ сплет од гранки.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Тој се поприкри во сводестиот сплет на бршленот.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
А уште веднаш по нивното стивнување над целата Бела Долина се надигна еден заеднички лелек од многу арамиски гладни завивања и заплисна со својот сплет, од кој како да потреперуваше целата Бела Долина, обиколена и гола. Сега Змејко можеше и да ги гледа.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
На местото од сето она, што царуваше по Белата Долина, тој имаше само една пушка, со уште два фишека, кои не се решаваше да ги загуби вака попусто, а тоа беше една многу несправедлива и лоша замена, невозможна замена, за сѐ друго, што чуваше секоја единка од тој живот околу него, за секое дебнење и секое предухитрување, за секое сурово наскокнување и секакво столкнување очи в очи, што го носеше во своето тело, во сплетот од своите мускули, секој жител на таа бела, диво ризискрена ноќ.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
И уште и секој нов затрчан меѓу темните дрвја и уште со првиот скок судрен со тој ужасен сплет и исчезнат во него.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Зад завесата од роиштата лесни снегулки, тој ги гледаше отспротива буките, чудно искитени со дебели, снежни наслаги на гранките, во чуден сплет, во чудно испресечување на бели и црни линии што го создаваа вкрстените стебла и ветки.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Стипцосаната земја, над која пловат зачаденост и црни испарувања на тага, ја ора усвитено железо и ја јалови оган, по нејзините врвици и библиски беспатици јаваат на коњски костури апокалиптични рицари - чумата, поморот, алчноста, бесот:коњските узди се густ сплет на змии, здивот на јавачите е сув ветар од кој и коренот на кровот се суши; зад нив останува трага: дрвени крстови, плочи со камени чалми, несобрани трупишта, урнатини.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
На овој сплет на двосмислености се накалемуваат различните толкувања за Дишан-еротоманот или аскет, Дишан - една фрустрирана и повлечена, или можеби огорчена и задоволна личност, изопачено или заблудено суштество или само “филозоф” и научник, кој го практикува инцестот и во животот (љубов кон сестрата) и чисто метафорички (алхемиското соединување на “братот” и “сестрата” кои се некакви спротивностите што се слични една со друга).
„МАРГИНА бр. 8-9“ (1994)
Околу нив илјадници жаби си пееја себеси во необјаснив сплет од променливи акорди, во слава на некои неодредени принципи.
„МАРГИНА бр. 1“ (1994)
Тоа е нешто различно од Даглас Адамс на пример, кај кого, мислам, целата работа почна толку добро за него, што сѐ беше само сплет на околности на кои тој се надоврза.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Со погледот шеташе по покривите од околните куќи, во тој сплет од нерамни и испревртени кубови, ги гледаше низ измаглината на квечерината.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Пристигнат од Исток цвет или бран во трепет сет; на ветрови нежни сплет - прилика во тивок лет - кон спирален плови тек зрак зад брегот модро мек ненадеен од недоглед сам се влева в суден след: ред сред буден непреглед.
„МАРГИНА бр. 32-33“ (1996)
Од друга страна, Маргина сепак доби шанса и во тој сплет на амбивалентни чувства околу сѐ што ни се случува, јасно се издвојува чувството на голема благодарност како кон тој фантастичен, долготраен и макотрпен Сорос-проект (кого го демнат милијарда гадни опасности, од кои бирократизирањето е една од најстрашните) така и кон многу конкретни луѓе во македонскиот Сорос центар.
„МАРГИНА бр. 10“ (1997)
Дворчето беше зараснато во диви растенија, а неколкуте јаболкници беа проредени со исушени гранки и заробени во сплет од скреби.
„Продавница за љубопитните“ од Мето Јовановски (2003)
За него најважно беше дали тој сплет во корените создава стебло на човек со достоинство.
„Светилка за Ханука“ од Томислав Османли (2008)
Срипувам од креветот како попарен, правам сплет шпаги, набрзина мијам заби со четка за нокти, ставам гас-маска за да оставам подобар впечаток, те со растреперени раце кревам слушалка и со милозвучен и правичен глас велам „Ало?“
„Бед инглиш“ од Дарко Митревски (2008)
Причинско – последичните врски се многу силни, сплетот на околности коишто ги проектираше твојот ум може да се материјализира.
„Мудрецот“ од Радојка Трајанова (2008)
Кога првпат ми ја спомна таинствената госпоѓа Лејбовиц, раскажувајќи ми (попатно) за необичноста на вашата двегодишна епистоларна врска, во текот на која разменивте повеќе од стотина писма (за жал, не си ги собрал сите; некои од нејзините очигледно недостасуваат, што е голема штета!), помислив: си имал среќа каква што ја имале и редица големи автори во историјата на уметностите, кои, по сплет на разни околности, налетале на некои умни и внимателни жени, кои се посветувале на нивното дело.
„Потрага по Елен Лејбовиц“ од Луан Старова (2008)
Повеќе