сожали (св.)

Ние мислиме оти Европа ќе се сожали над мирното население и заради него ќе се замеша во нашите работи.
„За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков (1903)
Му се дожали на татка му што му е детето така невесело и сожално го прегрна Мартин тој час удри да плаче, да се тресе целиот и одвај да вели: - Тате, сладок тате... децата... децата... јатаче ме викаат...
„Луман арамијата“ од Мето Јовановски (1954)
Не го сфаќаше прашањето и гледаше во него со прегрдо лице а тој, директен како и секогаш и сигурен дека може да господари над другите кога и да сака, дообјасни: „За тебе и за него, за вашите врски.“ Му се стори дека ќе заплаче и ја сожали.
„Месечар“ од Славко Јаневски (1959)
Муљазимот, гледајќи ја жената како се подгрбавила од тежината на чергите, се сожали, му мавна со рака на стражарот да се тргне и нареди: - Пушти ја, нека врви!
„Гоце Делчев“ од Ванчо Николески (1964)
Но чичко Петре се сожали и не го остави да живее осамен и пуст.
„Дружината Братско стебло“ од Јован Стрезовски (1967)
Разбра сѐ што стана во дните по нападот, но не го сожали Мисирлијата, попот, даскалот и другите.
„Толе Паша“ од Стале Попов (1976)
Избрзале од страв да не им се сожали за човекот. Да не им избега.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
И, мене, ќе ми се сожали, некако, за човекот, ќе ми падне грев, којзнае и нему како му е, пак ќе си речам, и ќе се истргам од класината зад амбарот. Ќе излезам.
„Пиреј“ од Петре М. Андреевски (1983)
Но кој можеше да му верува нему таков, скудоумник и силник, дека се сожалил на некого туѓ, и згора на тоа старец.
„Потковица на смртта и надежта“ од Миле Неделкоски (1986)
Ме распрашаа кој сум, што сум, од каде сум, дознаа сѐ за мене, се сожалија и ми предложија да работам како гробар. Прифатив.
„Јанsа“ од Јован Стрезовски (1986)
Се залажувале и сакале да го излажат својот господ, да се сожали на нив и да не ги заборави кога ќе дојде воскресот и се мачеле да не поверуваат дека гласот на челникот не е потсмешлив, дека е навистина благородна молитва и посредување за добрините што ќе дојдат еднаш, утре, подоцна, само за нив, изѕемнатици со издупчени опинци и издупчени души, онакви какви што биле и што ќе бидат секогаш пред розовите осамнувања на вистинската пролет која сепак ќе ги плисне со надежи.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Понекогаш ќе се сожалеше и оние добичиња што од силен јадеж и страв ќе избегаа во планината, одеше да ги бара; кога ќе ги најдеше спикани во некоја грмушка или трап каде што сѐ уште мавтаат со опашката и клоцаат со нозете од силен јадеж, им се доближуваше полека, им ги вадеше коњските муви и стршлените и тие ослободени од тој напаст, го лижеа по рацете и им идеше да го бацат.
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
На мајка му Депа ќе ѝ се сожалеше од тоа негово викање и тропање и ќе го пуштеше да шета, издивнувајќи: „Господе, врати му го умот...“
„Животраг“ од Јован Стрезовски (1995)
Пред да се сожалам над својата судбина, ја избришав застрашувачката слика од свеста.
„Пупи Паф во Шумшул град“ од Славко Јаневски (1996)
Сама правев дупки на гробот мислејќи дека мајка ми ќе се сожали и ќе стане.
„Три жени во три слики“ од Ленче Милошевска (2000)
Заради големата школка, заради морето во неа, јас поначесто се преправав болен за да ме замијат, да ми го избркаат урокот, да ме благословат, да ме сожалат и да ми го остават ќесето со каменчињата и со школките.
„Захариј и други раскази“ од Михаил Ренџов (2004)