снегов (прид.)

Прикаски болни, таговни Грутки во срце снеговни!
„Бели мугри“ од Кочо Рацин (1939)
Помина зимата, се стопи и последната снегова грутка под излоканите корења на столетниот чинар.
„Кловнови и луѓе“ од Славко Јаневски (1956)
А мнозина го заборавија тоа така, за веќе ниеднаш да не можеш да ги потсетиш на тоа; беа послаби и отидоа со него и не само затоа што немаа доста здрави раменици за да останат сами во снегов и да му се допрат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Снегот, неначнатата тишина наоколу, спокојот што тишината го вселува в душа, сето тоа веќе не можеше да постои во мислите, во чувствата на Бојан.
„Бојан“ од Глигор Поповски (1973)
Како низ лут чад што штипе во очите, пред поткосените коленици му се прелеваа една во друга некои сцени препознатливи, а далечни: замрсено клопче од отуѓени луѓе со забавени движења што плетка нешто во безгласна кавга каде да се легне мртовецот - дали да остане на троседот или да се испружи на масичето со висната глава и подвиткани колена додека да дојде нарачаниот ковчег; помалиот син, Гоце, кого не можат да го одвојат од постариот и кој не само што му ја стиска туку и му ја тресе раката, постојано повторувајќи „бате, бате” во пуста надеж дека некако ќе го разбуди; жена му, не помирена ами умртвена од смирувачките средства, веќе забрадена во црна шамија, одеднаш остарена, преполовена и смалена, стопена како грутка снеговна на дланка, со прачки од раце во празниот скут; свеќата што гори над дамкосаното чело на Нако, што станува восочно до проѕирност; миризбата од козметиката на снаата, нешто меѓу темјан и колофониум; мувла од пештерска црква, а сè во мансарда од новоградба; испиени лица на светци од икони а само смртни грешници со подуени модрини под очите.
„Синовски татковци“ од Димитар Солев (2006)
Залудно, оти мислата му се разбистри дури сега, овде, во снегов, во студов, во самотијата на чекорот, во студениот метал на оружјето, далеку од хаотичната пропаганда која го пополни просторот на непостојната заедничка национална идеологија.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
- ГРУТКА СНЕГОВА МИ ЛЕГНА ВО ДУШАВА И НЕ СЕ ТОПИ... АМА ТОЈ ЌЕ ЈА СТОПИ - И ВЕК ЌЕ ВЕКУВАМЕ... ***
„Молика пелистерска“ од Бистрица Миркуловска (2014)