синџирче (ср.)
На чело одеше Крстан. Тој беше облечен во градски алишта, со жолти чевли, со каскет на глава, а на елечето сјаеше синџирче.
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Арсо го отпетла синџирчето од елекот за да му помогне на чуварот бргу да му го извлече часовникот.
„Пустина“
од Ѓорѓи Абаџиев
(1961)
По примерот од Челебијата, сите чауши, почнувајќи од Ѓузепа до кир Андона беа си фатиле по една посестримка од младите мариовски невевчиња и чупи и секој секоја вечер се шеткаше со по една низ боровата гора, играше до неа на орото во неделините и ја водеше во својот стан сат два пред пајдосот за неколку бели череци месечно, некоја гривна, обетки, прстенчиња, синџирчиња и за некоја и друга натпишана надница.
„Толе Паша“
од Стале Попов
(1976)
Везден ја прелистував книгата на родените сѐ дури не го пронајдов и оној ред во кој се препознаваа и буквите на моето име – синџирче од глуварчиња што го плетат децата пролети.
„Љубопис“
од Анте Поповски
(1980)
Речиси од сите страни во овие улички на „Капали“ ве засенува жолтоблескавата боја на златото, трансформирано во прстење, нараквици, белегзии, обетки, синџирчиња.
„Патувања“
од Никола Кирков
(1982)
Мурад на некого од високодостојниците му мавна со рака, овој пристапи кон него држејќи в раце перниче на кое имаше положено одликување прикрепено за синџирче.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
се натсвируваат децата со свирчиња; тропаат со штракачки, пукаат балони, пукаат пиштолчиња; џишкаат по тезгињата разновидни накити (синџирчиња, огрлици, прстенчиња, обетки, чапраѕи, гердани, тунтурици, крсчиња, бросчиња, белезии);
„Злодобро“
од Јован Стрезовски
(1990)
Шандор на главата има паларија со извиткан обод на кој не му се знае предна и задна страна; под раштрканите мустаќи му се гледа малечкото луле провиснато на крајот од устата; мевот му е испакнат и напиња на елекот што го стега; на елекот му се гледа синџирче од часовник што му завршува во џепчето каде што му е ставен палецот од едната рака; погледот му е сериозен, па дури и малку свечен од важноста што ја придава на сликањето, на чинот со кој ќе се овековечи градењето на куќата, на која е завршен првиот кат, а започнува вториот со оставени отвори за врати и прозорци.
„Животраг“
од Јован Стрезовски
(1995)
На левата страна под подотворената пола на палтото му се гледаше синџирчето од часовникот.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Притоа мора да се внимава на многу нешта, на пример, на длабочината на вербата, на доживувањето и кажувањето на стиховите, на тие звучни синџирчиња, на тие проѕирни вирчиња, треба да се внимава на редоследот на вокалите, акцентите, паузите, на отворањето на устата, на положбата на главата и ставата при рецитирањето, итн.
„Захариј и други раскази“
од Михаил Ренџов
(2004)
Шаторот се затвораше со патент широк како офицерски ширит, од врвот до прагот, а тука се заклучуваше со катанец, чиј клуч го држеше Геро како најстар во екипата, но не во малото џепче кај ситните пари туку на синџирче заедно со ножето за отворање конзерви и отнување тапи.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
По него, ама за чекор, скоро рамно со него, одеше Геро како асистент - снимател, со камерата на рамо, небаре со прваче на кркач, а на папокот му ѕвечкаше синџирчето со клучето и ножето, како срмен пискул за џебен саат со капаче.
„Синовски татковци“
од Димитар Солев
(2006)
Лука Карер застана на градскиот плоштад, веќе по третпат ова мирно неделно попладне барајќи го часовникот на сребреното синџирче што, инаку, го вадеше изведувајќи една прилично сложена операција: најнапред закачувајќи ја рачката од големиот црн чадор на левата рака, потем отворајќи го тешкиот зимски капут, па сакото, за конечно да го извлече ќостекот од малото џепче на елекот со излижани рабови.
„Светилка за Ханука“
од Томислав Османли
(2008)
Го вадам светкавиот, метален предмет од ногавицата и гледам дека тоа е memory stick, ама со скинато синџирче.
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Ете, си реков, некој сака да ѝ наштети на мојата четиригодишна сериозна љубовна врска, преку симболот на скинатото синџирче, ама што е пак сега симболиката на memory stick-от?
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
Не можеле да најдат некое обично, старо синџирче, ако веќе тоа им требало за правење магии?
„Вител во Витлеем“
од Марта Маркоска
(2010)
На болничкото долапче болничарот ги остави златното синџирче со детелинка со четири листа, прстенот што и го имаше купено сестра ми и мобилниот телефон што јас и го оставив за да можам да ја контактирам.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Го закопавме со ордените на Тито, часовникот со синџирче, лулето, паричникот и руската шубара што сѐ уште ја барам на закачалката во станот во Ѓорче Петров, последниот дом што дедо ни не го доби од Сојузот на борците.
„Ласа“
од Наташа Димитриевска Кривошеев
(2011)
Во Улицата на стариот цвеќар во Истанбул сега се стискаат тајни шеп-шеп шепотари и јавни вревачи по фудбалските натпревари - жив доказ дека сегашноста сепак му завидува на минатото, тука, каде што некогаш сетики врвел и Јане Сандански, со очила за сонце и со џепен саат закачен за реверот со сребрено синџирче, а зад него, се разбира, врвеле и тајни агенти кои му ставале сопки на времето кога ќе подзабрзало.
„Ситночекорка“
од Ристо Лазаров
(2012)
Сигурно избегале од дома. Се одврзале од синџирче.
„Последната алка“
од Стојан Арсиќ
(2013)