сечиј зам.

сечиј (зам.)

Онисифор од другото племе уште еднаш го погледнал преку рамо неодредено и со едно око поголемо од сечии две.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
За секого имаше по некој убав збор, се сеќаваше на сечија коза и на мртвите.
„Времето на козите“ од Луан Старова (1993)
Преполн сум со сечии фекалии, било чии, само не мои.
„МАРГИНА бр. 35“ (1997)
Одбрав да се копа на моја земја, на мое место, тука над куќата, во некогашното мало лозјенце, но објавив дека ќе биде тоа сечиј бунар, дар за Маказар во најсушната година, вода за луѓето сега и за поколенијата.
„Бунар“ од Димитар Башевски (2001)
Ги одбираше Тој зборовите, ги лачеше еден од друг, ги довикуваше од просторот од тишината и од вековите, од облеката и од празниците, од сите пештери и од сите жетви ги собираше, им се умилкуваше, ги галеше, им шептеше, ги средуваше во мали врзопчиња, ги подучуваше и им се подналутуваше, им зборуваше и им појаснуваше дека за сите нив има голем порив да ги разигра, да им открие поинакви и поинакви значења за да не талкаат расфрлани и неразбрани низ сечија свест и низ сечии копнежи.
„Две тишини“ од Анте Поповски (2003)
Всушност Даскалов кога се сврте кон куќата и тргна кон прозорецот јас не го препознав; неговата сенка обрабена со одблесоците на светлината можеше да биде и сечија, и изгледа токму заради оваа помисла со задоцнување ги забележав знаците што ми ги испраќаше.
„Синот“ од Србо Ивановски (2006)
Лицата им зрачеа од надежта, таа и така е сечија поткрепа, и на силни, и на слаби, си рече попот Ставре.
„Вежби за Ибн Пајко“ од Оливера Николова (2007)
Дали ѝ дотура жар, дали ја пизми оваа мачка сечија и нечија кога мешечки ќе го зграпчи домаќинот во лажна самоодбрана ќе му ја извади душата на невидено по навика занатски беспрекорно и без пренемагање?
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
ВЕЛКОВ: Сечиј живот е како оној на Исус Христос. Прво нѐ сакаат и слават, после нѐ продаваат за триесет сребреници.
„Одбрани драми“ од Горан Стефановски (2008)
Нејзиното евоцирано однесување ме натера да го отфрлам цврсто мазохизмот како причина за својата подеднаква индиферентност кон желбата да се поднесува, но и да се возвраќа на сечија агресорска практика.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Врколачки ме опсервираше жолтеникава присутност во овој мрак што требаше да ме сокрие мене или барем моите намери, чија болскотливост се закануваше да привлече сечие внимание.
„Ниска латентна револуција“ од Фросина Наумовска (2010)
Мојот дух ќе биде слободен ангел, ќе има крилја. ќе имам сè, ќе бидам сечија, несебично сечија..., ќе бидам среќна. ***
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Сепак, итри и интелигентни заводнички. Сечии.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Не сум подготвена да допрам до сечие тело.
„Читај ми ги мислите“ од Ивана Иванова Канго (2012)
Во прегратка го гушкав својот сакан, заедно ги раздиплувавме мечтите, а во долапот за навек далеку од сечии очи ги заклучувавме досмртните ветувања.
„Последната алка“ од Стојан Арсиќ (2013)
И не е тоа поради статусот кој ми се промени од нечија во ничија, да речам слободна, ниту, пак, затоа што пропорциите на телото ми се „боли глава“, ами затоа што сега сум една обична распуштеница која може, ете, да биде сечија.
„И ѓаволот чита пРада“ од Рада Петрушева (2013)
И кога тој го слушаше Климент Камилски како со одбрани патетични зборови зборува дека постои книга која треба да биде центар на библиотеката во систем околу кој гравитираат значењата на другите книги, како книга во другите книги, тој во себе наоѓаше убедлива потврда за моќта на својата теза за посебноста на секој поредок книги во сечија библиотека.
„Балканвавилонци“ од Луан Старова (2014)
Порнографијата во продукција на Фалкон стјудиос во 1970-тите го даваше визуелниот соодветник: промовираше модел на геј- секс како благотворна, опуштена машка размена помеѓу другари соиграчи што меѓусебно се почитуваат, а на пленетите гледачи им нудеше танталски проѕирки кон некакво геј- другарство што истовремено е и сексуално и братско, инклузивно и нежно, мажествено, но без осуди, на сечија радост лишено од улоги, хиерархија и сексуална различност.
„Како да се биде геј“ од Дејвид Халперин (2019)