секне (несв.)
Таа не присуствува на трпезата и со неа не сторија гостинките ни „здраво живо“ да не ѝ секне млекото и да не ја фатат „навите“ како леунка.
„Крпен живот“
од Стале Попов
(1953)
Процесот за одржување на проколнатиот род продолжуваше - мајката умираше, полека, како да заспива, чувствувајќи како волчињата слатко ја ослободуваат од млекото, а тоа, пред сосем да секне, неочекувано надојде со сета сила на животот.
„Кловнови и луѓе“
од Славко Јаневски
(1956)
Залудно се трудеше да ја ослободи од тие авети, - да ја ослободи од чувството на човек кој залутал во страшна, непреодна пустина, каде што се секнати сите извори, изгубени секакви надежи... Залудно...
„Бојана и прстенот“
од Иван Точко
(1959)
Сѐ во мене беше секнато, сета вода скината. Ја закопав сама. Ја однесов на магаре.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Пак фаќам и пак ништо. Секнато ѝ е млекото, ко празно торбе ѝ се мавта вимето. „Скинато ќесе ништо не држи“ , велеше Лазор Ночески.
„Пиреј“
од Петре М. Андреевски
(1983)
Во твојот златен кафез затворена песната моја ќе секне.
„Добри мои, добар ден“
од Глигор Поповски
(1983)
Додека дивечот, (волците, мечките, лисиците, зајаците, јазовците, ласиците, смрдулките и куните) зашто нема кој да го прогонува и лови, се намножи до загрижување, преку цел ден и преку цела ноќ, страв да те фати, слушаш како тулилка, завива, кашла и си ги секне грлата во гората и во полето, птиците, пак, си мисли на барските, (чапјите, норците, галебите, пеликаните, кормораните, дивите пајки и дивите гуски; штрковите следејќи ги старите навики и стариот инстинкт, сѐ уште ѝ се верни на Потковицата, населбата на Станкоски Рид готово ја претворија во колонија на штркови: на покривот на секоја куќа, на оџакот на секоја напуштена куќа, има направено седело од штрк по мелиорацијата на мртвиците и Блатото, сосема, сосема, се изгубија.
„Потковица на смртта и надежта“
од Миле Неделкоски
(1986)
— Дури едната плаче, вели Оливера, другата ѝ го секне носот, ѝ ги брише солзите.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Вистина, примив инјекции за да ми секне млекото, ама еве пак ми дојде.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
Што било потаму? Ништо... Кога до жолчка понижениот Адам Лесновец (самиот тој од гордост си го измислил славољубиво второто име) се вратил во пештерите и кога раскажал, издувувајќи ја со зборовите и маката од себе, дека се повлекол пред жените зашто не сакал да ги тимари (кобилите, рекол) со ластегарка од жал кон животворното млеко што можело да им секне а кое утре требало да ги израснува идните каменоделци, луѓето се насмеале.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)
Набргу гонителите се нашле пред еден огромен казан поврзан со цевки со излези на ридот. Тоа беа млечните потоци, сега секнати.
„Времето на козите“
од Луан Старова
(1993)
Еден ден, бидејќи е врело лето, водата може да секне. Но, па што?.
„Бунар“
од Димитар Башевски
(2001)
Сепак, изгледа, неговиот бунар не беше секнал.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Како сѐ да беше завршено и како бунарот на неговата предвидливост да беше секнал засекогаш.
„Вежби за Ибн Пајко“
од Оливера Николова
(2007)
Столаријата ќе ја изглодаат црви, чешмата ќе секне и ќе ја накотат полноглавци, Благовештението ќе потемни и ќе се излупи, Архангел Гаврил ниту ќе стигне до Богородица, ниту нешто ќе ѝ каже.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)
Патуваш по границите рани, странични
на вселената – изведена смисла/свет
а таму душата лебди, бдее
бедеми бедни та раскошни
со плимата плиска
со осеката секне
секавично и ведно
гледаш и мижиш во длабините
и самиот длаб
на етерот бладање, сон на сенката
светилник на помрачението
блаженство во јадот
страст за питие
смрт и заборав
за лага и заблуда
за облик, опиум!
„Ерато“
од Катица Ќулавкова
(2008)
Ќе те видам за некоја година кога ќе ти секне пензиичката.
„Одбрани драми“
од Горан Стефановски
(2008)