раненик (м.)
По нив остана само една црна крвава паласка во снегот и неколку расфрлани прамени волна, а уште еден раненик, кој не беше толку умен или кому му беше повредена токму таа жица од инстинктот да молчи, заминуваше со бесно и продорно аурликање кон шумата, насобирајќи ги по себе сите тие глади и раздразнувајќи ја уште повеќе со својата вкусна животворна крв стрвната сурија во сета нејзина безбожност.
„Белата долина“
од Симон Дракул
(1962)
Во тоа време кога Бандо и жена му ги сонуваа овие соништа, војската крстосуваше низ селото: одеа на фронт, се враќаа, пренесуваа раненици, довлечуваа оружје; се слушаше далечно пукање на топови; луѓето се качуваа на планината, одеа со чунови по езерото да чујат што подобро, се будеа ноќе кога пукотите на топовите ќе се огласеа поблиску, и со нетрпение чекаа да се пробие веќе еднаш фронтот, да дојдат сојузничките војски од Грција, да им дојде крај на овие исчекувања и маки.
„Свето проклето“
од Јован Стрезовски
(1978)
Ранениците беа качени на магариња, сме залутале, се најдовме на едно ритче, пустите магариња се излизгаа од ритчето, зимно време, мраз, на глава на шија се истркалаа луѓето во едно долиште.
„Големата вода“
од Живко Чинго
(1984)
Додека околу нив се мешале извици, истрели и блиски далечни грмотевици, вториот раненик, оној, преку чии очи минал шрапнел, лежел ничкум и копал со нокти и заби под себе и пцуел, пелтечаво и тешко, под контузија - и султанско знаме, и паши, и вера, Тој до него, со две парчиња од војничкиот ремен ги стискал нозете над коленици за да не ја изгуби крвта и со неверување слушал во зачуденоста без чувство за болка, за еден миг заборавајќи си ја судбината: кауринот, на кого му е укажана чест да биде војник под зелен бајрак, не атакувал за да ги убива оние што ги зеле да се бори со нив за нив, милосливите.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Бара, не наоѓајќи веќе, зборови со кои ќе го доубие невидливиот раненик.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Пред отворената врата од собата постојано ми се пресенуваат носилки со нови раненици.
„Небеска Тимјановна“
од Петре М. Андреевски
(1988)
На дел од отвореното небо, неопределиво парченце кусо ослободено од октомвриските облаци, лежи некаков призрачен белег, зрачен мраз или разјадена месечина и ѝ ги граба на темницата запизмените раненици, го отргнува од неа заедно со нивниот грч, и нивната безнадежност.
„Забранета одаја“
од Славко Јаневски
(1988)
Ехото доаѓало од две страни, од местото на ранетите и од дувло на ноќна птица; потоа бувот му се вратил преплашен на својот мрак - оние што не биле зафатени со ранениците се раздвижиле преку чуките и по суводолиците да го собираат заборавениот добиток.
„Тврдоглави“
од Славко Јаневски
(1990)