пукнат (прид.)

Пукнат е лустерот! Понекогаш дури и пред да го погледаат гостите, брзаше да ги предупреди: Пукнат е лустерот!
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
И одеднаш, а за него толку многу во вистинскиот миг; во оној највистинскиот и единствен миг од вишнеењето на ова негово будење, таа пукната сина шир пред неговиот поглед ја распараа неколку црвеникави штркнати, прачки, исто како да се распука нејзиниот свод.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Тогаш, ајде, си рече, нека ни бидат простени сите тие работи, и она, што го сакавме притоа: онаа чистина околу тебе сам, онаа белина на неначнатиот снег пред тебе и насекаде наоколу оној пукнат пат во утрините пред тебе. И сите други бегања.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Пукнат срам, што се вели, скинато пердето.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
V Танаил каменоделкачот, работејќи долги години на својот занает, ги познаваше камењата во детали, на секој камен што го обработуваше му ја знаеше душата; ќе го пофатеше, ќе го испревртеше со рацете или со лостот, ќе го потчукнеше со чеканот неколку пати од сите страни, како железничарот што ги проверува тркалата на возот дали се пукнати, и ќе узнаеше какво му е срцето: здраво или не; ќе му биде ли верен до крајот на обработката или ќе му откаже на полпат; ретко му се случуваше да се излаже, да го делка некој камен, да го дотерува, да го обликува со денови, со недели, а често и со месеци - и на крајот да му пукне, да му расипе сѐ; а кога ќе му се случеше понекогаш тоа, - Танаил го фрлаше чеканот и глетото и налутено седнуваше крај каменот, неверувајќи дека навистина му откажал, распукал; врвеше со прстот преку пукнатината како преку рана, како преку болка; стоеше така долго време загледан во пукнатината и сиот ифрит, јад, не земаше веднаш друг камен да работи; ќе испушеше цигара, ќе се напиеше чашка-две ракија, и откако ќе му поминеше маката и лутината, започнуваше да одбира друг камен вртејќи го долго време пред да го направи првиот удар со чеканот и глетото на него.
„Злодобро“ од Јован Стрезовски (1990)
Пред да пробие од пукнатата черупка со крвца и бела глекавост, пред едното око да се покрие со сив и лилав мраз, подивениот се извиткал со крик.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Од нивните распердушени крилја и пукнати глави бегале и лисиците.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Утредента, по едно изгревање и заодување на крвавата месечина со ископани очи и пукната муцка од слеп судир со планинска цуцулка, се видело: меѓу дрвја и камења биле расфрлени неколку стотици крвави птици.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Фрактура на дваесет и седум коски. Три пукнати. Прелом на ребрата.
„Буре барут“ од Дејан Дуковски (1994)
Тој не е грешка, не е ничиј пукнат кондом, не е ничие безгрижно пролеано семе, ничија неспособност за самоконтрола.
„На пат кон Дамаск“ од Елизабета Баковска (2006)
Лектира кнезу Репнине пукната калино во мозокот црвено во копнежот се всадуваш прибираш сѐ што е светло безграничен меѓу корици мирисаш на бебе те канам чај да се напиеме зимата да ја згаснеме небаре жед ти седумдесет и шестата јас тебе да те видам меѓу луѓето немаштија во мене исто така - има што да видиш дождот се самоубива кога врне за да постои мора да врне зли абери како метафори ме следат ѝ се ближи крајот на неизвесноста репнине литературо!
„Ерато“ од Катица Ќулавкова (2008)
Токму сега тој почна да удира, а звуците беа некако далечно траурни, како биење на пукната селска камбана.
„Невестата на доселеникот“ од Стојан Христов (2010)
Само што момата бојлер вклучи инспектор дојде струја да исклучи со ладна вода миеше коса мајка ѝ викна да не оди боса Плочките ладни реума влечат ѕидови пукнати треба да кречат татко без пари во возови на влеча а мајка ѝ 10 години во стечај
„Проклетници“ од Горан Јанкуловски (2012)
Камбаната, пукната и со откинато парче и без срце, лежи покрај ѕидот.
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)
Од соседниот ров - дебел, неделкан глас, скоро тропа пукната штица: Овци паса габер лежа Вечер ќе ти дојда...
„Големата удолница“ од Петре Наковски (2014)