придушен прид.

придушен (прид.)

Татко ми е сиромав, самарџија... Најпосле јас имам под ноктите црно, кал... (Задржуваниот плач се пробива со придушено липање.)
„Чорбаџи Теодос“ од Васил Иљоски (1937)
Од старата кафеана во соседната улица се слушаше појака врева, придушено тропање на дајре, женски пискотлив глас.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Придушено кркореше. Стиснатата уста цедеше пенливи и нејасни зборови.
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
- Ајдук е тој, безбожник, се согласуваа со воздивки или придушено прашуваа: - И никој друг не ти влегол в куќа?
„Улица“ од Славко Јаневски (1951)
Смеа, рапава и придушена смеа. Тоа не е смеа на циркуска публика, весел кикот на прснати стакла. Тоа е потсмев.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Но еден здив беше во тие раце, една придушена детска смеа, една недовршена игра, пресечена од тежок камион.
„Две Марии“ од Славко Јаневски (1956)
Суљо пак направи темане и испушти едно придушено: – Разбрав, кади ефенди! – Е, ајде сега.
„Калеш Анѓа“ од Стале Попов (1958)
Му се стори како да чу и придушено липтање...
„Бојана и прстенот“ од Иван Точко (1959)
МЕТОДИ: (Оди и ја затвора вратата низ која излегоа Иван и Младичот. Останатиот дел од разговорот се води главно придушено.)
„Црнила“ од Коле Чашуле (1960)
Гласот му беше плашлив и кога протестираше, тоа го правеше придушено како да потиснуваше нешто во себе.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Не го поднесува ова придушено крцкање на ножицата.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
И тој останува само со придушено дишење и со потисната свест за нешто што не смее да се случи, за нешто што треба да се постигне, но што сега, некако, отскокнува во недостижна далечина.
„Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев (1961)
Ги ѕидаа, тие нови куќички, во еден прекрасен ред, се радуваа заедно со дечињата, што беа останати без куќи во оние неколку воени ноќи, така што веќе беа одвикнати да имаат своја дома, а сега од утро до мрак стоеја крај нивното градилиште и гледаа како никнат нивните нови куќички со своите чудно умни и не според возраста загрижени очи, а после очите на сите мајстори им солзеа, заедно со придушениот плач, измешан со бранливата и надојдената во сапови смеа, на тие дечиња, додека им помогнуваа да се населат.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Нешто се напнуваше, нешто не можеше да биде задржано, а после, сосема наеднаш, по сета негова внатрешност избликна од некој скриен вир во него и се плисна по неговото лице, едно чувство, од кое сега почнаа да му лазат некои меки, едвај осетни допири под очите, тоа го зајазлуваше неговиот здив, сѐ додека сиот не се згрчи и не препукна во едно придушено липнување.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Беше една мечка, што можеше да прими во своето огромно тело уште неколку негови зрна и да ја впие во себе сета нивна придушена бол, но беше и една погодена мечка, што можеше да чекори и да продолжи кон него со една не толку тврдоглава решеност, со сета крвава трага, што веќе ја оставаше по снегот.
„Белата долина“ од Симон Дракул (1962)
Светлото, иако е запалено, ми доаѓа некако придушено, неземско.
„Небеска Тимјановна“ од Петре М. Андреевски (1988)
„Таму, во нејзината куќа.“ „Чекај“, придушено рече тој.
„Забранета одаја“ од Славко Јаневски (1988)
- Пандил Димулев е ранет, викнал некој со глас на придушено липање. - Умира. Повикајте го Никола Влашки.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
- Месото ќе го печете в дол за да не може никој да го види огнот, сепак придушено се огласил.
„Тврдоглави“ од Славко Јаневски (1990)
Потоа придушено прошепоти: - Иако отсега времето ќе го бројам поинаку...
„Слово за змијата“ од Александар Прокопиев (1992)
Повеќе